Девет години затвор за Бојан Јовановски!

април 7, 2022

Четири осудителни и една ослободителна пресуда изрече судијката Софче Гаврилова Ефремова за случајот Меѓународен Сојуз.

Боки 13 за измама и перење пари доби по пет години, или единствена казна затвор од 9 години. Јасна Ерцеговиќ, претседателката на невладината организација „Меѓународен сојуз” е осудена на 4 години затвор. Ослободена од обвинение е екс пратеничката и потпретседателка на Собранието Фросина Ташевска Ременски. Асистентка на Јовановски, Христина Блажевска осудена е на 1 година затвор, за едно дело судот утврди дека не е виновна. И Миле Јовановски, таткото на Боки 13, е осуден на условна казна од 2 години.

Судијката Гаврилова Ефремова образложувајќи ја пресудата детално ги објасни кривичните дела кои им се ставаа на товар на обвинетите, заклучувајќи дека парите уплатени на сметките на 1 тв и БМЈ Медиа Груп, се всушност оние за кои бизнисмените Силјан Мицевски и Ардиан Амзовски била измамени дека ќе се градат старечки домови.

-Фактот дека овие пари биле предадени на обвинетиот Бојан Јовановски се потврдува и од фотографијата која како дел од извештајот, кој според анализираната локација е направена во домот на родителите на обвинетиот Бојан Јовановски. И тоа само четири дена по подигањето на средствата а на која се гледаат пари кои според обележјето се подигнати од Комерцијална Банка. – Софче Гаврилова Ефремова – Судечки судија .

Слично како и честопати за време на судењето, Боки 13 со бурна реакција, овој пат откако ја слушна пресудата, по што беше отстранет од судница.

-Доказ дека си слуга на Зоран Заев. Но Господ казнива, не казнуваш ти, изјави Боки 13.

Обвинителката Ивана Трајчева откако ќе ја добие целата пресуда ќе цени дали висината на изречените затворски казни ја задоволуваат правдата. Засега е сигурна дека ќе се жали на ослободителната пресуда за Ременски.

-Навистина е нејасно како судот не утврдил кои се дејствијата на влијание бидејќи тоа и се ставаше на товар со предметниот обвинителен акт на обвинетата го сторила делото за кое се товареше бидејќи самите оштетени посочија дека токму поради нејзината личност и функцијата која ја извршувала во тој момент довело до потпишување на договорите.– Ивана Трајчева – Обвинител ОЈОГОКК.

Ниту адвокатот на Јовановски не е задоволен од пресудата, како што рече, во ниту една реченица.

-Оваа судска пресуда не се заснова ни еден милиметар на докази кои беа изведени во текот на постапката, туку е несреќен компромис помеѓу политика, а особено на личен анимозитет на судечкиот судија кон моите клиенти. – Сашко Дуковски – Адвокат.

По изречената пресуда задоволна е екс пратеничката Ременски, но не и Миле Јовановски.

.-Јас сум задоволна од денешнава одлука. Повеќе од две години и психички и физички и емоционално поминувам низ овој процес. – Фросина Т. Ременски – Обвинета.

-Денеска одмазднички пресуди, се одмаздничко, без никакви докази, си ги местат како на нив им одговара. – Миле Јовановски – Обвинет.

Ова е втора пресуда за Боки 13 кој за случајот Рекет пред речиси две години исто така доби 9 години затвор.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ