Денес се празнува Преподобен Јоаникиј Велики

ноември 17, 2023

Ова големо духовно светило се роди во селото Марикати, во областа Витиниска, од татко Миритрикиј и мајка Анастасија. Како момче беше овчар. Пасејќи ги овците често се повлекуваше во самотија и по цел ден стоеше на молитва, оградувајќи го своето стадо со знакот на крстот за да не се оддалечува и разотидува. Потоа, го зедоа во војска каде што покажа чудесна храброст, особено во војните против Бугарите. По војничката служба, Јоаникиј се повлече во Олимп Азиски каде што се замонаши и сиот се предаде на подвиг, од којшто не отстапи до длабока старост, до својата смрт. Се подвизуваше над педесет години, и тоа на разни места. Имаше од Бога изобилен дар на чудотворство: лечеше секакви маки и болести, изгонуваше демони, скротуваше ѕверови, особено имаше власт над змиите, преминуваше преку вода како по суво, беше невидлив за луѓето кога ќе посакаше, пророкуваше идни настани. Се одликуваше со преголемо смирение и многу кротост. По надворешниот изглед беше како џин, крупен и силен. Живо учествуваше во судбината на Црквата Божја. Во времето на иконоборството и самиот најпрво се опрелести, но си дојде на себе и стана ревносен поборник на иконопочитувањето. Му беше голем пријател на Методиј, патријархот Цариградски. Свети Јоаникиј поживеа деведесет и четири години и се упокои мирно во Господа, во 846 година. И после смртта остана чудотворец.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ