Дали ја знаете историјата на новогодишната елка?

декември 28, 2023

Доаѓа Нова година и речиси сите домаќинства веќе ја имаат украсено новогодишната елка. Особено семејствата со деца се радуваат на овој чин, кој носи радост, среќа и уживање.

Најмладите најмногу уживаат во украсувањето. Тие потскокнуваат околу елката додека повозрасните ја местат ѕвездата на врвот. Но, дали некогаш сте се прашале од каде потекнува оваа традиција? Кој прв почнал да става лампиони на новогодишните елки?

Историјата на новогодишната елка е огромна, а постојат и многу верувања и шпекулации, кои не се поткрепени со факти, но се тука за да го збогатат новогодишниот дух. Продолжете со читање и дознајте за историјата на новогодишната елка.

Украсувањето датира уште од времето на старите Египќани
Некои од најстарите податоци што укажуваат на користењето растенија како украсен елемент во одредени пригоди датираат од времето на стариот Египет. Иако во топлите африкански краишта не постоеле зимзелени елки, сепак Египќаните користеле палми и папирус со кои го украсувале домот во деновите кога се славелe деновите на великиот Ра.

Ваквата традиција продолжила, а слични примери има и кај многу други народи. Иако овој пример го објаснува украсувањето на домот со растенија во одреден дел од годината, не укажува на потеклото на зимзелената елка. Па, од каде доаѓаат елката, лампионите и подароците?

Северните народи се први што украсувале елки
Келтите и викинзите се народите што активно користеле зимзелени елки како декорација во одредени делови од годината. Викинзите се познати како први што користеле имела, која е многу популарна во западните земји и нивната новогодишна традиција.

Сепак, за денешните новогодишни елки и за нивното украсувањето се заслужни Германците. Првите запишани податоци датираат од 16 век. Во тоа време, Германците имале обичај за Божик да носат елки дома, околу кои биле палени свеќи, што претставувало одбележување на важниот празник.

Еволуцијата на новогодишната елка
Германците од тие времиња што немале елки, користеле и обични дрвени летви споени во форма на пирамида. Ги украсувале со јаболка, хартија и друго.

Како што поминувале годините, така се менувале и новогодишните елки во различни делови од светот. Технологијата, исто така, придонела за различниот изглед. Изборот на украси што се ставаат на елката се менувале од година во година, па тоа што некогаш било овошје и хартија, денес се разни пластични, стаклени или хартиени лампиони.

Многу домаќинства веќе и не користат живи елки, туку вештачки пластични модели, кои изгледаат како вистински елки. Тоа што е заедничко, сепак, е пораката што ја носат со себе и придонесувањето за новогодишниот дух и атмосфера.

Што означува новогодишната елка?
Иако никој не може да тврди кои биле точните симболи што новогодишната елка ги носела со себе за луѓето што ја ставале во својот дом и ја украсувале, сепак некои денешни перспективи се популарни.

Една од симболиките е дека елката го претставува раѓањето и воскреснувањето на Исус, додека гранките ја означуваат неговата бесмртност. Гранките личат на круната од трња што Исус ја носел при распнувањето, а тоа е, секако, голем дел од симболиката.

Митови и верувања
Има илјадници митови и верувања поврзани со новогодишните елки. Каде треба да стои елката во собата, какви да бидат лампионите, но едно од најинтересните е – кога треба да се накити и раскити.

Секој има своја верзија, но многумина сметаат дека раскитувањето на елката предвреме носи лоша среќа. Според верувањата, елката се собира 12 дена по Божик. Со оглед на тоа што ние и западниот свет не славиме Божик во исто време, а елката е симбол за Нова година, но не толку многу и за Божик, ова верување не е толку распространето кај нас.

Нова година и елките денес
Во средината на минатиот век, Time магазинот објавува статија за вештачки елки, по што почнува трендот на елки направени од пластика. Може да се каже дека овој тренд е одличен бидејќи со тоа се спречува непотребното сечење огромен број дрвја секоја година.

Денес најголемиот дел од луѓето имаат пластични елки, кои ги украсуваат со ламбички и лампиони по своја желба. Може да се каже дека новогодишната магија навистина не е целосна без новогодишната елка, а дневната соба изгледа празно при дочекот на Нова година.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ