strumica denes logo

Д-Р МИЛЕ ГОГОВ: Животниот век во Република Македонија е во континуиран пораст!

Автор:

Датум:

февруари 7, 2023

Автор:

Датум:

февруари 7, 2023

Жените живеат подолго од мажите.

Од самото раѓање започнува процесот на стареење. Стареењето е неизбежен процес од еден човечки живот. Просекот на старост во нашата земја е во континуиран минимален пораст. Така статистички се доаѓа до некаква бројка која укажува дека просечниот животен век за мажите е 77 години, а за жените е 2 години повеќе односно 79 години. Во земјите кои се во Европската унија луѓето живеат подолго во просек за една до три години во зависност од земјата. Нормално дека бројките не укажуваат на некакво правило.

Пред неколку дена кај мене во невролошка амбуланта дојде пациент од Берово кој имаше 100 години и можам да кажам дека беше во добра здравствена состојба , спрема годините. Кога го прашав за тоа каков бил неговиот начин на живот , најпрво ми кажа дека и неговите родители доживеале подлабока старост, имал многу физичка работа до неговите 82-3 години и работел како земјоделец. Не пушел цигари. Многу ретко консумирал алкохол.

Друг интересен податок кој го наведе беше дека ретко консумирал благо ( рафиниран шеќер). На прашањето дали имал стресни моменти, одговори дека биле многу ретки и не се оптоварувал со нерешливи проблеми. Примерот наведува дека треба да се радуваме на нашите блиски кои навлегле во подлабока старост бидејќи се некаков не сигурен показател дека ние имаме потенцијал за подолг животен век. Меѓутоа постојат и луѓе кои не се со толку добра генетика, но тоа не значи дека треба да се откажеме од здравиот начин на живот, да го користиме како изговор, бидејќи во медицината нема правила.

Често во разговор помеѓу луѓето се стекнува впечаток дека луѓето пред 25-30-50-70 години биле по здрави. Тоа е точно. Доколку погледнеме слики од пред 40 -50 години ќе видиме дека луѓето биле со помала телесна тежина. Внесот на калории бил помал. (Постои и истражување во кое се докажува дека луѓето кои консумирале подолг временски период помалку калории изгледале по млади од својата вистинска возраст.) Оброците биле количински помали. Кондиторските производи многу ретко се консумирале. Начинот на живот не бил како денес , да сме сите во трка за економска добивка, кариера, општествена позиција и слично.

Во минатото постоеле болести кои ги има и денес, меѓутоа не биле дијагностицирани. Умирале луѓето тогаш од болестите кои ги сметаме денеска за банални и лесно решливи. Сегашното секојдневие, самиот начин ,брзата хормонска исхрана и биоритам на живеење допринесува за болестите како хипертензија, дијабет, холестерол и слично. Стресните ситуации често се поврзани со малигните заболувања кои се во пораст. Холестеролот има генетика , меѓутоа стресот често е предизвикувач на покачени вредности на холестерол. Сакаме се да ни биде на дофат, во рекордно време и да сме секаде присутни, притоа заборавајќи на себе и сопствениот мир.

Според мене не постои тајна за долг живот. Во ерата на интернетот и информациите досадно е да се набројува што е добро , а што лошо за организамот. Битен е балансот. Доколку изедете едно чоколадо потребно е околу 50-55 минути брзо одење за да се согорат калориите од чоколадото.

Затоа балансирајте!

Специјалист невролог Д-р Миле Гогов, вработен во ЈЗУ Општа болница-Струмица