Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) не ја поддржува иницијативата на Стопанската комора за намалување на бројот на неработни верски празници, оценувајќи дека празниците не можат да се гледаат само низ призмата на работната организација и економската продуктивност.
Од МПЦ-ОА ексклузивно за „Слободен печат“ нагласуваат дека ваквиот пристап не ја согледува вистинската смисла и значењето што празниците го имаат за македонскиот народ.
– Празникот како свештено време определено за споменување важни настани или личности од црковната историја, а со тоа и можност за оттргнување од секојдневните грижи, за приближување кон Бога и кон ближните, несомнено претставува живо сведоштво за верата, за духовното и културното предание, како и за вековната поврзаност на нашиот народ со Црквата – велат од МПЦ-ОА.
Од Црквата додаваат дека значењето на празниците „не може, а и не треба да се сведува единствено на прашање на работна организација и економска продуктивност“.
Реакцијата на МПЦ-ОА доаѓа по иницијативата на Стопанската комора за промени во календарот на неработни денови. Комората најави дека до Министерството за економија и труд ќе достави предлози за законски измени со кои би се намалил бројот на дополнителни неработни денови по верска основа.
Еден од предлозите е вработените сами да избираат за кои два дополнителни верски празници ќе користат слободен ден, додека преостанатите празници од таа група би биле работни. Вториот предлог се однесува на државните празници што се паѓаат во недела – наместо неработниот ден да се префрла во понеделник, следниот ден би останал работен.
Според важечкото решение, во Македонија има 11 неработни денови што важат за сите граѓани. Покрај нив, припадниците на различните верски и етнички заедници имаат дополнителни неработни денови.
Православните верници имаат пет такви празници: Бадник, Водици, Велики Петок, петокот пред Духовден и Голема Богородица. Според предлогот на Комората, работникот би можел да избере два од нив како неработни, а за останатите би одел на работа.
Од Стопанската комора аргументираат дека големиот број неработни денови има влијание врз организацијата на работата и продуктивноста на компаниите. Во образложувањето на иницијативата се посочува и на практиките во други европски држави и на бројот на неработни денови во текот на една календарска година.
Предлогот, сепак, наиде на отпор уште пред да добие конкретна законска форма.
Премиерот Христијан Мицкоски се изјасни против кратење на веќе утврдените неработни денови, повикувајќи се на правата што работниците веќе ги имаат.
– Во принцип мислам дека стекнатите права на работниците треба да се почитуваат и тука немам никаква дилема – изјави Мицкоски.
Против намалување на бројот на неработни денови се изјаснија и синдикалните организации, кои сметаат дека евентуалното кратење би значело задирање во веќе стекнатите работнички права.
Со ставот на МПЦ-ОА во расправата сега се внесува и верската димензија на прашањето. Од Црквата нагласуваат дека празниците не се само денови во календарот во кои не се оди на работа, туку дел од верското, духовното и културното наследство.
За МПЦ-ОА, токму затоа, евентуалните промени не треба да се разгледуваат исклучиво преку економските показатели и потребите на компаниите.
























