strumica denes logo

БСЖ-ВАКЦИНИТЕ ПРИВРЕМЕНО СТОПИРАНИ ВО МАКЕДОНИЈА – СЕ ПРОВЕРУВА СЕРИЈАТА ОД БУГАРСКИ ПРОИЗВОДИТЕЛ!

Автор:

Датум:

октомври 6, 2026

Автор:

Датум:

октомври 6, 2026

Вакцинацијата со БСЖ во Македонија е привремено одложена додека надлежните институции добијат целосни информации за сериите и нивниот квалитет. Комисијата за имунизација ја донесе одлуката по пријавите за сомнеж на несакани реакции во Хрватска, каде што се користи вакцина од истиот производител.

Министерството за здравство соопшти дека веднаш била контактирана Агенцијата за лекови и медицински средства — МАЛМЕД, од која биле побарани податоци за сериите што се употребуваат во земјава. Проверките треба да го утврдат нивниот квалитет и евентуалната поврзаност со пријавените реакции.

Во Хрватска, регулаторната агенција ХАЛМЕД на 5 октомври побара привремено запирање на дистрибуцијата и примената на сите серии на БСЖ-вакцината од бугарскиот производител „Бул Био НЦИПД“. Мерката е преземена по четири пријави во 2026 година за сомнеж на остеомиелитис, односно инфекција на коските, по вакцинацијата. За споредба, во периодот од 2005 до 2025 година била примена една таква пријава.

Хрватската агенција ја означи одлуката како мерка на претпазливост што ќе важи до завршувањето на истрагата. Засега се испитува сомнеж за проблем со квалитетот на вакцината.

Од македонското Министерство нагласија дека БСЖ-имунизацијата останува задолжителна поради високиот ризик од туберкулоза во земјава. Според податоците што ги соопштија, на Институтот за ТБЦ има 95 пациенти, од кои 83 се регистрирани годинава. Во Детската болница „Козле“ во 2026 година се евидентирани 12 нови случаи.

Во изминатите десет години, МАЛМЕД добил една пријава за сомнеж на несакана реакција од БСЖ-вакцината. Таа била поднесена во август 2022 година и се однесувала на апсцес на местото на апликација, реакција наведена во упатството за употреба, соопшти Министерството.