Младиот македонски спортист Дамјан Марковски на 28. мај тргна пешки од Скопје до манастирот Острог во Црна Гора за да му одаде благодарност на Св. Василие Острошки за оздравувањето на член од неговото семејство.
Станува збор за релација долга 400 километри.
Дамјан на Фејсбук напиша:
„Како млад човек кој го поминал поголемиот дел од своето детство и младост играјќи фудбал, решив да преземам еден исклучителен предизвик – пешачење од Скопје до манастирот Острог во Црна Гора, пат долг 400 километри.
Ова патување за мене не е само физички предизвик, туку и духовна мисија. Со ова пешачење сакам да изразам благодарност кон Св. Василие Острошки за оздравувањето на член од моето семејство.
Покрај ова, сакам да направам нешто добро за нашата заедница и младите спортисти. Одлучив да ја искористам оваа иницијатива за да соберам средства и да го свртам вниманието кон потребата за подобрување на медицинската грижа за спортистите во нашата земја.
Целта на мојата иницијатива е да помогнам во собирањето средства за купување Polar мерачи на срцевиот ритам, проект кој е планиран за реализација од страна на Фондацијата Марко Божиновски.