Нови правила ќе важат при утврдувањето на привремената спреченост за работа, откако Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување денеска ги усвои измените на Правилникот за боледувања.
Според измените, матичниот лекар наместо досегашните седум ќе може да утврди боледување во траење од пет дена. Доколку здравствената состојба на пациентот не се подобри по истекот на петтиот ден, тој ќе биде упатен на дополнителни испитувања. Матичниот лекар ќе остане надлежен за утврдување на привремената спреченост за работа до 15 дена.
ФЗОМ предвидува промени и во начинот на утврдување на боледувањето кај одредени дијагнози. За дел од нив нема да биде потребно пациентот да се упатува на лабораториски испитувања, туку проценката ќе може да ја направи матичниот лекар. За други дијагнози, пак, се продолжува временската рамка утврдена со критериумите.
По 15 дена, предлогот за продолжување на привремената спреченост за работа матичниот лекар ќе го доставува по електронски пат, наместо досегашното рачно доставување.
Со новите правила се прошируваат и можностите боледувањето да се утврди без физичко присуство на осигуреникот. Ова ќе важи особено за тешко болни, неподвижни и тешко подвижни лица, за лица кои се на болничко лекување, како и во други оправдани случаи.
Кај пациентите со хронични заболувања ќе може да се користат веќе постојните дијагностички наоди, доколку сè уште се во предвидениот период на важност. На тој начин нема да има потреба од повторување на истите испитувања.
Измените ги прецизираат и условите за ретроактивно утврдување на боледувањето во оправдани ситуации, меѓу кои и по завршено болничко лекување.
За бремените жени и доилките се предвидува олеснување во однос на радиодијагностичките испитувања со јонизирачко зрачење, кога нивната здравствена состојба е соодветно потврдена со специјалистички извештај.
Од ФЗОМ дополнително посочуваат дека за определени тешки заболувања се предвидуваат исклучоци од обврската за конзилијарно мислење кај боледувањата кои траат подолго од 60 дена.
























