Битиќи за зголемените цени во Македонија: Пазарниот инспекторат е секојдневно на терен, се очекува извештајот и соодветно ќе се реагира!

март 6, 2024

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе се реагира на несоодветното покачување на цените на прехранбените производи, појасни дека Државниот пазарен инспекторат секојдневно е на терен и во првиот момент кога ќе стаса извештајот дали и кои производи имаат зголемени цени, соодветно ќе биде реагирано во јавноста, особено, како што рече, доколку тоа се прави на организиран начин.

Прашан дали може да поднесе претставка, Битиќи рече дека, освен што извршува јавна функција, како и сите други граѓани во државата има право да поднесе претставка.

„Еднаш го имам направено, не го правам тоа за да покажеме што и како, туку да го решиме проблемот. Во овој момент ќе повикам на две структури. На пратениците во Собранието да го изгласаат законот за нефер трговски практики затоа што сметам дека на тој начин институционално ќе го решиме проблемот со евентуално зголемување на цените што не се пазарни.

Битиќи очекува пратениците во Собранието што побргу да го изгласаат законот за нефер трговски практики затоа што смета дека само на тој начин може да се реши проблемот со евентуално зголемување на цените на производите кои не се пазарни.

Оценува дека искуствата во другите земји укажуваат дека Комисијата за заштита од конкуренција е поагилна и не остава простор да се зголемуваат цените на организиран начин, надвор од тоа што е логично поскапување.

„Во нашето општество не можеме да најдеме консензус што е исправно – кога ја носевме мерката за гарантирана цена бевме критикувани затоа што била спротивна на пазарната економија, сега сме критикувани од истите тие дека требало да се задржи. Законот за нефер трговски практики е одличен закон, усогласен со ЕУ-директивите, тоа е решението“, рече Битиќи.

Според него, сите берзи се намалени и реално нема потреба од зголемување на цените на производите. Побара поголем општествен консензус затоа што, како што рече, тој е онаму каде што лежи законот, а тоа е во Собранието.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ