„Возљубени мои Македонци и Македонки, не дозволувајте некој да ни го одземе она што сме. По вера сме биле православни христијани, а по род Македонци, тоа и ќе останеме. Во последно време нашата татковина Македонија крвари од повеќе отворени рани, но сега е вистинскиот момент да ги насочиме своите мисли кон Воскресението, да ја сфатиме и да усвоиме неговата вистинска содржина. Само така можеме да бидеме народ на Живиот Бог, само така ќе го добиеме Неговиот спасоносен благослов.“ – вели Владиката Повардарски Агатангел на Македонската православна црква – Охридска архиепископија во своето Велигденско Послание до македонскиот народ и сите други православни верници.
Покрај другото, во Посланието Агатангел порачува: Упорно некој сака да нè прекрши и одвнатре и однадвор. Од ден на ден тонеме во апатија и незаинтересираност за духовната состојба на нашите души. Секојдневно пред нашите очи се парадира со пароли полни со антиморал и антихристијанство. Некој горделиво се умислил дека е господар на овој свет и дека е повикан да управува со нашите мисли и да ги контролира нашите постапки. Во неговиот демонски план е зацртано целосното обезличување личноста, распадот на семејството, уништувањето на човековиот идентитет и достоинство.
Како општество, наместо да се грижиме за сè поизразената стапка на чедоморство, или за тоа што нашите млади луѓе сè помалку стапуваат во брак, што градовите ни остануваат без млада популација, ние својата духовна енергија ја трошиме на нивните бесмислици. Селата ни се осипуваат, нивите ни се неизорани, домовите ни се разурнати, на овие прашања треба да го насочиме нашето внимание.
Владиката Повардарски Агатангел на Македонската православна црква – Охридска архиепископија вечерва во 23 часот ќе служи Велигденска богослужба, Златоустова литургија во соборниот храм „Св. Великомаченик Пантелејмон“. Во исто време ќе се служат Велигденски богослужби и и во црквите „Св. Христово вознесение“,„Св.Кирил и Методиј“ и во црквата „Свети Јован Златоуст“ во Велес.