Во среда на петти октомври со почеток од 20:00 часот, младата и талентирана оперска пејачка од Струмица Сара Јанева, ќе оддржи свој концерт заедно со Андреј Наунов (пијано) во Музејот на македонската борба во Скопје.
Програма:
1. А.Вивалди: “Vedro con mio diletto“
арија на Анастасио од операта “Il Giustino”
2. Г.Ф.Хендл: “Аh! Mio cor, schernito sei“
арија на Алчина од операта “Alcina”
3. В.А.Моцарт: ”Smanie implacabili”
aрија на Дорабела од операта “Cosi fan tutte”
4. Ф.Шуберт: “Litanei auf das Fest Allerseelen“
5. А.Дворжак: “Cigánské melodie“
вокален циклус оп. 55
6. А.Џамбазов – „Насмевки пред зорите“
Биографија
Сара Јанева е млада оперска пејачка, уметник, кој својот талент, посветеност и љубов кон музиката ги има пренесено до многубројни посетители на концертите и фестивалите на кои има земено учество во Австрија, Словенија, Полска, Бугарија, Србија и Македонија.
Јанева е родена на 1 јануари 2000 во Струмица и уште од најрана возраст започнува да ја изучува сериозната музиката, најпрво како пијанист, а подоцна како вокален изведувач, маѓепсана од емоцијата и восхитена од вештината на големите оперски изведувачи.
Музичката приказна на Сара Јанева започнува по средбата со нејзиниот нов другар. Во нејзиниот дом е сместен предмет кој произедува необични звуци, побудува восхит и интерес.
Водена од детската забава и љубопитноста како да се отсвири нова, автентична мелодија, Сара со голема радост влегува во магичниот свет на музиката, посетувајќи ги првите часови по пијано во нижото музичко училиште во градот.
Дипломирањето на Сара на Факултетот за музичка уметност е проследено со нејзиното учество на Академијата на маестро Џорџ Пеливаниан во Блед, Словенија, предизвик кој таа го прифаќа без двоумење, изведувајќи 11 концерти низ различни градови низ Словенија, импресионирајќи ја публиката со нејзиниот глас, глума и шарм, во улогата на Фраскита во „Кармен“ од Жорж Бизе.
Во текот на изминативе години Сара има остварено многу награди на меѓународни и државни натрпевари.
Концертите посветени на руската романса во рамки на Скопско лето, „Денови на македонската музика“, циклус концерти организирани преку „Музичка младина на Македонија’’, оперски гала концерт „Коста Трпков“, се само дел од настаните на кои младата Сара има оставено свој белег и остварено придонес како протагонист од милениумската генерација, кој упорно чекори и тежнее кон поголеми музички остварувања.