Научниците со нова технологија бараат сигнали од вонземјани во центарот на нашата галаксија

јуни 9, 2023

Да претпоставиме дека сте научник од напредна вонземска цивилизација која сака да комуницира со други популации низ Млечниот Пат, каде би поставиле „светилник“ што пренесува сигнали?

Веројатно блиску до дома, нели? Центарот на нашата галаксија – фасцинантниот регион со ѕвезди околу супермасивната црна дупка Стрелец А* – е едно од најдобрите места за испраќање повторливи радио сигнали до оние кои можеби го слушаат ноќното небо.

Затоа, астрономот Акшај Суреш од Универзитетот Корнел во САД и неговите колеги го дизајнираа проектот Breakthrough Listen Investigation for Periodic Spectral Signals (BLIPSS), кој користи алгоритам за пребарување и засилување на необични пулсирачки радио емисии од галактичкиот центар.

Центарот на нашата галаксија е многу активен регион, исполнет со густи облаци од прашина и гас кои го заматуваат поголемиот дел од она што е таму. Сепак, тој е исто така начичкан со ѕвезди. Статистички гледано, галактичкиот центар, со оглед на големиот број ѕвезди, има најголем потенцијал за пронаоѓање егзопланети погодни за развој на живот и затоа е најдобрата област за пребарување на вонземски сигнал.

Но, тоа не е лесна задача. Имено, повторувањето на радио сигналите може да се испрати и од природни објекти, а изолирањето на вештачки сигнали од природната какофонија на светлината што произлегува од галактичкиот центар е доста напорна работа, пишува Science Alert.

Во случај вонземјаните да одлучат да испраќаат радио преноси, периодично пулсирачките светилници би биле евтин начин за пренос на сигнали низ огромните области на меѓуѕвездениот простор. BLIPSS користи специјален алгоритам за идентификување на периодични сигнали, кои научниците претходно ги користеле кога барале пулсари, еден вид неутронска ѕвезда.

Суреш и неговите колеги го примениле BLIPSS на податоци за радио анализа на галактичкиот центар собрани од иницијативата Breakthrough Listen на Институтот SETI. Тие го тестирале нивниот софтвер на пулсари за да се уверат дека може да детектира одредени типови на сигнали, го намалија опсегот на фреквенцијата и утврдија дека периодичноста на пулсот е помеѓу 11 и 100 секунди.

Тие не пронашле сигнали што одговараат на бараните параметри, но потврдија дека нивниот метод функционира и имаат намера да го користат со други параметри за пребарување во иднина. „SETI досега првенствено се фокусираше на потрагата по континуирани сигнали“, рече астрономот на SETI, Вишал Гајар.

„Нашата студија укажува на извонредната енергетска ефикасност на низа импулси како средство за меѓуѕвездена комуникација на огромни растојанија. Ова истражување е првиот обид за длабинско пребарување на овие сигнали“, додаде тој. Софтверот BLIPSS е јавно достапен, како и податоците собрани од Суреш и неговите колеги.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ