Првиот синтетички ембрион на човек, создаден во лаборатории на универзитетите Кембриџ и Калтек, ги проширува хоризонтите на научниците што настојуваат да изнајдат одговори за наследни генетски нарушувања, но во исто време отвора сериозни етички и правни прашања како да спречи развој на технологијата во непосакувана насока.
Можеме да создадеме човечки ембрионски модели преку репрограмирање на ембрионските матични клетки“, објави професорката Магдалена Жерничка-Гец прексиноќа на годишната средба на Меѓународното друштво за истражување на матични клетки во Бостон.
Професорката истакнува дека целта секако не е да се создаваат бебиња во лабораторија и тврди дека синтетичките ембриони нема да се користат клинички. Спротивно на законите е вакви ембриони да се имплантираат во матка на пациент, а и сѐ уште не е јасно дали овие структури имаат потенцијал да продолжат да созреваат. Структурите не се развиваат до степен на први отчукувања на срце и на формирање мозок.
Жерничка-Гец истакнува дека мотивот за истражувањето било да им се овозможи на научниците да го разберат „темниот период“ на развој во периодот од 14 дена, колку што е легалната граница за култивирање, до подоцнежниот период кога развојот се следи кај ембриони донирани заради истражување.
„Идејата е дека со користење матични клетки, моделирате нормален развој на човечки ембриони и можете да добиете неверојатно многу информации како почнува развојот или што може да тргне на лошо, а притоа да не користите рани ембриони за истражувањето“, објаснува Робин Ловел-Беџ, шеф на одделенијата за биологија на матични клетки и развојна генетика на лондонскиот Институт Френсис Крик.
Развој на синтетички ембрион од глувци / Фото: Weizmann Institute of Science / Ferrari / Profimedia
Научен тим од израелскиот Институт Вајцман пред неколку месеци успеа да покаже дека матични клетки на глувци може да се стимулираат да се формираат во структури слични на рани ембриони, при што биле забележани првите траги на мозок, на срце што бие и на органи за варење. Низа други тимови настојуваат да ја применат оваа работа во човечки модели.
Жерницка-Гец објаснува како ембрионите биле култивирани до фаза што е еквивалентна на период по првите 14 дена од развојот на природен ембрион. Моделите, создадени од по една ембрионска матична клетка, се развиле до фазата кога се трансформираат во специфични групи што ја формираат основната структура на телото.
Иако екипата од Кембриџ и Калтек сѐ уште не го објавила трудот во некој од стручните журнали, нивното достигнување сведочи дека истражувањата напредуваат многу побрзо од обидите да се создадат правни рамки и регулативи.
„Ако намерата е овие модели да претставуваат нормални ембриони, тогаш тие треба да се третираат како такви. Законски не е така, поради што заедницата и јавноста се загрижени“, вели Ловел-Беџ.
При испитувањата кај глувци се покажало дека синтетичките ембриони се речиси идентични на природните, но кога биле имплантирани во матка не се развиле до живо битие. Кинески научници пред два месеца објавија дека создале синтетички ембриони на мајмун и ги имплантирале во матки. Кај некои мајмунки биле забележани првични знаци на бременост, но ниту во еден ембрионот не се развивал повеќе од неколку денови. Научниците немаат поим дали пречката за понатамошен развој е од технички карактер или поради поголема биолошка причина. За надминување на таа препрека, научниците сега имаат на располагање сѐ пософистицирани алатки со вештачка интелигенција, што го забрзува притисокот итно да се воведат законски ограничувања и да се дефинираат етичките граници за истражувањето и развојот на ембриони.