Откако беа забележани голем број беспилотни летала во источниот дел на САД, администрацијата на Џо Бајден објави дополнителни ресурси за да се справи со проблемот, нагласувајќи дека засега нема докази за „странска вмешаност“.
На полицијата во Њу Џерси, државата над која се забележани лебдечките или летечките светла на небото, и помага дополнителен персонал и технологија за да го откријат мистериозниот феномен првпат забележан во ноември, изјави во неделата за „ABC“ секретарот за внатрешна безбедност – Алехандро Мајоркас.
Според него, иако во некои случаи се покажало дека станува збор за дронови, останатите тела забележани на небото биле авиони со екипаж.
„Сакам да ја уверам американската јавност дека се занимаваме со ова“, рече Мајоркас, нагласувајќи дека нема докази за „странска вмешаност“.
Илјадници дронови летаат на американското небо секој ден, а минатата година Федералната управа за воздухопловство (ФАА) ги промени правилата за летање дронови во текот на ноќта, објаснува Мајоркас.
Веќе со денови пристигнуваат извештаи и се водат дискусии за можни беспилотни летала на небото над Њу Џерси и Мериленд.
И се започна со гласините за мистериозни светла видени ноќе низ Њу Џерси кон средината на минатиот месец и забележан дрон во близина на воен објект во истата држава.
Набрзо се појавија видеа од силни светла и непознати предмети кои очевидци ги објавија на социјалните мрежи.
На социјалните мрежи се изнесени бројни теории, од шпионажа и тајни воени вежби до вонземски живот.