Струмичкиот општински комитет на ВМРО-ДПМНЕ реагираше на реакцијата на СДСМ – Струмица, оценувајќи дека владејачката партија на локално ниво продолжува со злоупотреба на чувствителни теми, овојпат, проблемот со капацитетите во детските градинки.
„СДСМ Струмица не може да сфати дека времето на партиски вработувања и превработени институции е завршено. Наместо да преземат одговорност, тие ја убедуваат јавноста дека најголем проблем во градот бил – недостиг на вработени во јавните установи“, велат од ВМРО-ДПМНЕ Струмица.
Од партијата потсетуваат дека токму СДСМ повеќе од две децении е на власт во општината, а проблемот со недоволен простор и капацитет во градинките е токму резултат на нивното, како што велат, „децении несериозно управување“.
„Не е доволно само да се има наставен и негувателски кадар. Вистинската грижа за децата значи обезбедување на соодветни услови за нивен здрав, безбеден и сеопфатен развој. Денес, во установи со утврден капацитет се примаат поголем број деца од дозволеното, а потоа се јавува недостиг од персонал. Треба да се запрашаме – дали сите деца добиваат еднаков третман и квалитет на нега?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во реакцијата се вели и дека ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи повеќе произволност во јавниот сектор и дека решенија за сите горливи проблеми, вклучително и оние со детските градинки, ќе следуваат многу скоро.
„Струмичани заслужуваат еднаков третман, квалитетни услуги и институции со професионално менаџирање. Време е одговорноста конечно да се врати кај граѓаните“, порачуваат од опозициската партија.