СТРУМИЧКАТА ПОЛИЦИЈА МЕЃУ НАЈДОБРАТА ВО МАКЕДОНИЈА – МИНИСТЕРОТ СПАСОВСКИ СО ПОФАЛБИ!

декември 15, 2023

Спасовски на средба со СВР Велес и СВР Струмица: Откривачка дејност на СВР Струмица 60%, 58% ефикасност кај тешките кражби, 90% кај разбојништвата, СВР Велес со вкупна ефикасност од 56%, тешките кражби намалени за 39%

Денеска, (15.12.2023) во Кавадарци, во седиштето на Регионалниот центар за гранични работи ЈУГ, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заедно со дел од раководстово на МВР, оствари средба и со раководствата на Секторите за внатрешни работи Струмица и Велес, средби кои се традиционални кон крајот на секоја тековна година, со цел сумирање на резултатите од сработеното, но и преглед за да се утврдат приоритетите за идната година.

„Од она што го слушнав на денешниот брифинг за СВР Струмица – вкупната ефикасност во откривачката дејност на ова подрачје годинава бележи зголемување за 18%, споредбено со истиот период 2022 година, и изнесува 60%, наспроти ланските 42%. Тоа, главно се должи на зголемената ефикасност во делот на класичниот криминал, при што реализацијата е зголемена за 52% споредбено со истиот период лани”, истакна министерот Спасовски во изјава за медиумите. Притоа, тој сподели статистички податоци во врска со ефикасноста на полицијата на ова подрачје под надлежност на СВР Струмица.

„Во 2023 година СВР Струмица може да се пофали и со зголемување на ефикасноста во расчистувањето на тешките кражби за 20,3% во споредба со минатата година, односно постигната е ефикасност од 58%, додека во делот на пријавени разбојништва реализирани се дури 90% од нив. Во однос на спречувањето на недозволена трговија со дрога во текот на 11-те месеци на подрачјето на СВР Струмица регистрирани се 58 кривични дела, а поднесени се 55 кривични пријави, што повторно претставува зголемување за 25 % за разлика од лани. Дополнително, четири кривични пријави се поднесени и од Законот за опојни дроги и психотропни супстанции, што е за 100% повеќе во однос на лани. Намалување од 17% е евидентирано, пак, кај нарушувањата на јавниот ред и мир, а 100% е зголемен бројот на поднесени кривични пријави на лица кои вршат бесправна сеча, транспорт и продажба на огревни дрва. Овој Сектор за внатрешни работи во текот на годинава може да се пофали со реализирани 2.261 превентивни активности, од кои 1.272 од областа на криминалитетот, 454 од областа на јавниот ред и мир и 535 од областа на безбедноста на патниот сообраќај”, истакна Спасовски.

Што се однесува до резултатите на СВР Велес, Спасовски истакна дека има напредок годинава во однос на откривачката ефикасност на полицијата, при што ги сподели податоците за работата на оваа организациона единица:

„И СВР Велес, чии резултати имавме можност да ги слушнеме на средбата, има напредок годинава, особено во однос на постигнатата вкупна откривачка ефикасност, која изнесува над 56%, со зголемување од 10%, споредбено со лани, а во делот на тешките кражби, бележи намалување на овој вид пријавени кривични дела за 39%. Во делот на недозволената трговија со дрога и оружје во текот овие 11 месеци, СВР Велес поднесе кривични пријави за 63 кривични дела против 73 сторители. Овој Сектор бележи зголемување од 28% и на поднесените кривични пријави во областа на организираниот криминал, додека евидентирано е намалување на прекршоците во врска со јавниот ред и мир за 15,7%. Од страна на СВР Велес заклучно со месец ноември 2023 година реализирани се вкупно 953 превентивни активности во сите области, што претставува зголемување за 43,9% проценти”, истакна Спасовски.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ