Никола Ѓорѓиев извојува победа над ракот со помош на хуманите македонски граѓани.
На 20-годишното момче од село Црешево, кое нема родители и живее со своите баба и дедо, му беше дијагностицирана малигна неоплазма, миелоидна лоза, редок вид на канцер на коските. Минатата година за негово лекување се собираа средства преку апел за помош.
Сега, Никола направи втора контрола во Турција, која покажа дека во неговото тело нема повеќе метастази.
Убавата вест со фотографии ја објавија Жаклина Пешевска и Бобан Стефковски, градоначалник на Општина Гази Баба.
„Младиот Никола ја победи болеста. Со голема радост сакам да објавам дека штотуку разговарав со младиот Никола кој се наоѓа на лекарски прегледи во Турција и ме извести дека и при оваа контрола е утврдено дека е излечен и во неговото тело нема повеќе метастази. Ова е втора контрола со која на Никола му се констатира истото. Ова е победа на сите хумани луѓе! Во хуманоста за Никола се обединивме сите и јас од срце им благодарам на сите оние кои донираа“ – напиша Стефковски.