Тајванската компанија „Јагео“ и официјално влегува во Република Македонија. Вчера во Тајван беше потпишан договор за инвестиција вредна 205 милиони евра која треба да отвори околу 4 000 работни места во земјава. Компанијата ќе отвори производствени погони во ТИРЗ Скопје 1 и во ТИРЗ Штип, а како што беше најавено вчера, изградбата на првиот погон ќе почне во јули годинава во скопската индустриска зона за што генерално ќе бидат ангажирани локални фирми.
„Јагео“ ќе произведува резервни делови за автомобилската индустрија и за т.н. зелена енергија. Оваа фирма ќе произведува и делови за „Тесла“ и Епл“.
Договорот за инвестицијата вчера во Тајван го потпишаа менаџментот на „Јагео“ и директорот на Дирекцијата за Технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ) Јован Деспотовски.
Преговорите за инвестицијата траеле речиси една година, а земјава е избрана како најдобра во „трката“ со останатите од регионот и пошироко.
„Со Република Македонија имаме одлично искуство. Сепак, две работи беа клучни зошто ја одбравме за нашата инвестиција: увидовме дека е стабилна, со квалификувана работна сила, а и Владата беше максимално посветена и имаше исклучително позитивен однос кон нас. Тоа можеби беше и пресудно. Ни излегуваше секогаш во пресрет и тука беше за секој наш проблем“, потенцира извршниот директор на „Јагео“, Дејвид Ванг, јави дописничката на МИА од Тајван.
Андреа Мејер, главен во оперативниот сегмент, напомена дека оваа досега најголемата гринфилд инвестиција во Република Македонија, нема да значи вложување само во пари, бизнис и профит, туку и вложување во човечки капитал.
Според директорот Деспотовски, денешното потпишување на Договорот е потврда дека со знаење, желба и истрајност, можеме да оствариме големи резултати.
„Процесот не беше воопшто лесен. Во конкуренција беа многу земји, меѓу кои Хрватска и Србија. Но, ние успеавме во таа трка и ние сме денеска тука, на оваа маса, да потпишеме договор. Со оваа инвестиција стануваме дел од мапата земји кои обезбедуваат витални компоненти за производители како ’Тесла‘ и ’Епл‘“, рече Деспотовски.