РЕТКО КОЈ ЌЕ ВЕРУВА: Камили во Струмица!

Ретко кој ќе поверува, но во периодот од 1913 година па се до почетокот на Втората светска војна во Струмица се одгледувале камили. На почетокот на Првата светска војна камилите во Струмица ги донел Ѓорѓи Георгиев кој ги купил од еден арапски трговец во Дојран. Неговото семејство кое камилите ги користело за транспорт на стоки, струмичани веднаш го прекрстиле во Камиларови. Ги чувале и користеле како транспортно средство, а од сето тоа до ден – денешен остана само прекарот Камиларци и сведоштвото на поколението на Божа и Ѓорѓи Георгиеви кои се главните „виновници” што речиси 30 години од 20-от век во Струмица камилите биле вистинска атракција, но и единствен извор за егзистенција на ова семејство.

Потеклото на ова семејство е од Дојран, каде што Ѓорѓи во почетокот на 20-от век од арапски трговец кој пренесувал стока за Солун и Бугарија и поминувал преку Дојран, купил неколку камили. Но со почетокот на Првата светска војна, кога војските што крстосувале во овој дел на Македонија го запалиле Дојран, Георгиеви со своите деца Дељо, Иљо, Тина и Софија заедно со своите камили засолниште побарале во Струмица. Поради невообичаените животни, струмичани веднаш ги прекрстиле во Камиларови.

Во тој период камилите биле најисплатливото транспортно средство за стока на подолги релации, бидејќи за разлика од воловите и биволите камилите биле поиздржливи и попитоми за оваа намена. За нив се слушнало дури и во Софија и Солун.

Освен за стопански транспорт, камилите на Камиларови ги користеле и за пренесување градежни материјали на недостапни места. Велат дека со помош на струмичките камили била изградена касарната во Берово, но и други објекти во Струмица.

Камилите биле питоми, никогаш не клоцале. Преку зимата семејството Камиларови ги хранеле исклучиво со зоб, зрна од пченка, ‘рж, јачмен или пченица, а одвреме навреме и по некој сноп сено. Преку летото ги пуштале на паша на полјаните каде што сега се наоѓа градскиот стадион Младост.

извор: Вест

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ