ЗА ПРВ ПАТ ВО СТРУМИЦА: Во СОУ „Јане Сандански“ ќе се отвора ресторан за здрава храна!

октомври 10, 2018

Отворање на ресторан во нашето училиште со мени за избор на здрава храна е идејата на петмина наши ученички кои успееја со својот проект да се пласираат меѓу најдобрите пет тимови и да добијат парични средства и поддршка за успешна реализација на идејата на работилница во Маврово чија цел беше развој на претприемачките вештини кај младите.

Со иновативни идеи за подобрување на средината во која живеат, два тимови на наши ученици учествуваа на работилница за социјално претприемништво во организација на CEED Hub Skopje, а поддржана од Фондот за иновации и технолошки развој и УНИЦЕФ Македонија. Нашите тимови се пласираа меѓу десетте најдобри, во конкуренција со повеќе од стотина други проекти.

Тимот кој успеа да се пласира меѓу најдобрите пет и да добие средства за реализација на идејата настапи со проектот „Енергични бомбици“ за отворање на ресторан во СОУ „Јане Сандански“ кој ќе се служи здрава храна, додека пак вториот тим ја презентираше својата идеја за отворање на спортска сала за деца со посебни потреби.

Вториот тим кој настапи со идејата за спортска сала во која ќе може да тренираат и децата со посебни потреби се пронајде помеѓу најдобрите десет проекти. Дел од тимот беше и  ученичка со посебни потреби. Тимовите настапија под менторство на професорките Македонка Манушева и Стаменка Џорлева.

За проектот „Енергични бомбици“ тимот од ученичките Верица Ахтарова, Миа Јанева, Ивана Трајковска, Лина Стојанова и Викторија Даниловска ќе добие 2 илјади евра и логистичка поддршка од организаторите на работилницата за да се отпочне реализацијата на оваа идеја. Директорката Невенка Стојанова рече дека училиштето ќе направи сè за финансиски и логистички да се помогне во реализација на проектот.

„Морам да кажам дека има многу скептици во моментов коишто поставуваат прашања од типот „дали сте спремни да се нафатите на вакво нешто“, „дали имате средства да се нафатите на такво нешто“, „дали ги задоволувате ХАСАП стандардите“, меѓутоа јас ќе кажам дека колку и да е тешко, не велам дека не е, ние ќе направиме сè како училиште да ги помогнеме децата и нивните ментори и финансиски и логистички за оваа идеја не само да се реализира туку и да биде пример за сите останати училишта во државата. Ќе аплицираме доколку е потребно и на други проекти со истата идеја за уште финансии и сето тоа да биде на едно високо ниво“, рече директорката Невенка Стојанова.

„Целта беше решавање на одреден социјален проблем. Конкретно во нашиот случај тоа е недостиг на здрава храна односно непостоење место за подготовка и продажба на здрава храна во Струмица. Но, бидејќи тоа е глобален проблем ние не можеме да го решиме на глобално ниво и затоа се фокусиравме на нашето училиште каде таргет група ќе бидат нашите соученици“, велат ученичките кои победија со својот проект на работилницата.

Тимот исто така има идеја намирниците потребни за подготовка на органската храна да се добиваат од семејства од руралните средини кои се занимаваат со производство на органски производи. Како добавувачи на ресторанот ќе бидат вклучени и Терапевската заедница „Покров“ и СОУ „Димитар Влахов“ – Струмица.

Во нивниот проект ќе биде вклучена и технологијата, па така се подготвува и веб-страница преку која секој ќе може да порача смути, органски палачинки, свежи сокови и друга органска храна која ќе биде на менито на училишниот ресторан. Во ресторанот е планирано да има двајца вработени, а дополнително ќе се отвори и можноста за ангажирање на ученици во нивните слободни часови како волонтери.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ