Велат дека најубавите спомени се оние од детството, особено оние од училишните клупи. Вревата низ ходниците, дружењето, заборавеното домашно..се само дел од доживувањата на секој еден ученик.
Токму на такви сеќавања не’ навраќаат фотографии од Стара Струмица – фотографии во кои засекогаш е заробен убавиот момент на кој, после неколку децении носталгично ќе се сеќаваме.
Фотографиите се од училишната трепезарија на ОУ „Сандо Масев“ – Струмица и на нив се прикажани двете готвачки – Марика Мучева и Ката Челебиева, на чии готвачки способности некогашните ученици се потсеќаат со големо задоволство и денес.
„Среќни чекоревме кон просторијата за ужинка, а таму, тетка Маре и тетка Кате веќе не очекуваат насмеани и подготвени. Беа мајсторки за правење чоколадо, крофни, мармалад..и што ли уште не… Немаше нешто кое не може да биде подготвено од нивните вешти раце. Се’ уште ми е во сеќавање топлото парче леб намачкано со мармалад од шипки или коцката чоколадо која се топи во устата. Да не зборуваме пак за топлиот миризлив чај, кој толку многу ни годеше во зимските месеци.“
Училишната кујна, на разочарување на учениците, сепак не останала долго во составот на училиштето. Набрзо била трансформирана во училница по општо техничко образование.