Perdormire
Култура

Разговор на Струмица Денес со актерите од претставата „Сестрите Прозорови“ кои ќе гостуваат во Струмица во недела!

Претставата „Сестрите Прозорови“ ја имаше својата премиера на почетокот на годината на сцената на театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“, Велес. Неодамна со претставата беше отворена драмската програма на фестивалот „Охридско лето“. Претставата е коавторство на Сашо Димоски и Васил Зафирчев, костимографијата ја потпишува Раде Василев, промотивниот материјал е на Филип Коруновски, а во претставата играат актерите: Кети Борисовска, Маја Љутков, Славица Манаскова, Жарко Спасовски и Фаик Мефаилоски. Во пресрет на изведбата на „Сестрите Прозорови“ на фестивалот „Ристо Шишков“ на 13.9.2020 во 20:00 часот, поразговаравме со актерите кои учествуваат во претставата.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Каков беше процесот на создавањето на претставата „Сестрите Прозорови“?

Кети Борисовска: Минатата година беа „Прозорови“. Не. Оваа година беа „Прозорови“. Не, не, не. Беше многу студено. Со сонце. Нè грееше чајот. Самоварот седнат на првиот ред. Ми го изедоа оревот. Лош знак. Не, не, не. Добар знак. Го видовме крајот. И тоа после него. Побегнавме. Во Москва. Уште сме овде.

Маја Љутков: Многу лесен, забавен и исклучително креативен, процес во кој секоја нова проба ја чекавме со нетрпение и желба повторно и повторно да влеземе во кожата на ликовите и да доловиме сегменти од животите на ликовите кои ги толкуваме. А сето тоа заради визијата на режисерот и вербата во нас актерите во она што тој (режисерот) го имал како идеја, добивме голема слобода креативно да твориме!

Славица Манаскова: За мене сон и копнеж во неколку чина. Еден силно мечтаен сон да заиграм на сцена во претстава по текст на Чехов. И кога нешто искрено и силно се посакува, универзумот предодредува да биде така и никако поинаку. Ѕвездите ми се наклонија и со втора поделба на улогите го добив ликот. „Мојот“ втор чин беше да се оправда довербата. Да го донесам ликот и да го оживеам. А секое раѓање е и радост и болка. Сето помеѓу тоа е растење и зрелост. Во секј случај – тежок и интересен процес, ко прва зачекорена стапка до освојување височини. Да се дише со крикот од болките на ликот, проследено со едно ехо на задоволство од постигнатото.

Жарко Спасовски: Секогаш е задоволство да си во процес со уметници кои безрезервно се посветени на работата. Процесот „Прозорови“ го посакувам на секој колега да му се случи бидејќи беше максимално инспиративен и продуктивен.

Фаик Мефаилоски: Кога се работи со Васил и Сашо, процесот е секогаш некаков вид експеримент, не е тоа класичен процес. Не – затоа што често пробуваш работи кои не си ги правел. Проверуваш до каде можеш и колку тоа совршено можеш да го направиш. Самиот пристап кон анализата и посветеноста внатре е поинаков, свој!

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Какви беа предизвиците во креирањето на ликовите?

Кети Борисовска: (Да бидеш Олга, да веруваш.) „Само да е чесен човек.“ „Утре во градот ќе нема ниту еден војник.“ (Да бидеш Фира, да веруваш.) „Сè дајте им, ништо не ни треба.“ „Ве молам останете.“ (Да бидеш Тара, да веруваш.) „Ми се чинеше сите ги паметам и ете…“ „Тато, тука си“. Не, не, не. Да бидеш Ти. Да се менуваш побрзо од часовникот и да му пркосиш на неговиот ритам. Да го грабнеш својот куфер полн верба и да заминеш.

Маја Љутков: Секој лик е предизвик сам за себе, а она што ми беше поголем предизвик е екипата со која работев, колегите со кои се разбиравме некогаш само со поглед, Васил кој воедно ни е колега, токму затоа што кога режира актер – секогаш е на страната на актерите и ја разбира нашата потреба за Слобода во творењето и се разбира драматургот Сашо Димоски кој се погрижи за тоа сите да имаме подеднакво театарско време на сцената. Сето тоа собрано на куп дава еден процес и размена на енергија од која сакаш да си постојан дел.

Славица Манаскова: Огромен беше предизвикот да се нурнам и да копам длабоко во себе, до мојата најтемна страна, а притоа да создавам розев свет. Зашто ликовите на Чехов живеат во минатото, во мечтите, во свет создаден од самите нив. Тие се одрекуваат од многу работи во сегашноста, претставувајќи се како жртви, а всушност нивниот избор е нерешителноста и бегањето од реалноста. Да се себеубедувам за животот, да дишам без иницијативност, без одлуки, во расчекор со мисли и акции, во меѓупросторот на лирските монолози. Да, не е нималку едноставно, но е богато искуство кое ме испони со една благородност и гордост дека умеам и можам да го одиграм тешкото.

Жарко Спасовски: Во секој лик барам предизвик, а во оваа претстава самиот концепт ми беше огромен предизвик.

Фаик Мефаилоски: Помалку е повеќе. Суштинска филозофија преточена во „сега и тука“ на едноставен и разбирлив јазик.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: то да очекува публиката на изведбата на претставата на фестивалот „Ристо Шишков?“

Кети Борисовска: Отворениот прозорец нека ве донесе до разлистаните брези. Да пиеме чај за слободата. Останете. До вечерата. И повеерата. Да ѝ пееме песни на среќата. Боже мој, колку е тоа убаво!

Маја Љутков: Претстава од која ќе си одат со грутка во желудникот, претстава која ќе ги натера да си постават прашања за љубовта: љубов кон Бог, љубов меѓу маж и жена, љубов сестринска, љубов родителска и љубов детска. Претстава во која ќе видат актерска игра на пет актери кои на сцената функционираат како еден.

Славица Манаскова: Една експлозија од емоции за промашени, несреќни и несфатливи луѓе. Една актерска игра после која и да сакате не можете да излезете рамнодушни. Претстава што загатнува безброј прашања, што се занимава со човековата природа без да ја суди. Претстава во која публиката сочувствува со ликовите, заборава да дише низ дејството и за крај – наградува со долги аплаузи. Проверете!

Жарко Спасовски: Да си ги намалат очекувањата, па можеби и ќе се изненадат  Се шегувам, секако. Ја уверувам публиката дека ќе види несекојдневна претстава и тврдам дека никој нема да остане рамнодушен после претставата.

Фаик Мефаилоски: Претставата можеби ќе им се допадне, можеби нема да им се допадне. Во прашање е вкусот. Но, сигурен сум и тврдам дека никој нема да остане рамнодушен.