Perdormire
Култура

ПРОФ. Д-Р НИКОЛА СМИЛКОВ: Многучасовното присуство во ателјето за време на карантинот, резултираше со поголема инспиративност пренесена во повеќе склуптури во мермер и бронза!

Преземено од Агенција „Марили“:

Интервју со проф.д-р Никола Смилков, вајар и професор на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип во кое говори за своето последно учество на смпозиумот за скулптура „Тамњаница“ во Србија, за прилагодувањето на новото нормално со изведување настава онлајн, за инспирацијата и влијанијата кои резулултираат со творечка работа, за идните планови. Агенција „Марили“ на Смилков му ја додели честа да го создаде идејното решение за изработка на статуетката со која во 2021 година ќе биде одбележан јубилејот – 25 години од Изборот на најспешните жени менаџери!

МАРИЛИ: Неодамна се вративте од симпозиумот за скулптура „Пигмалион“ во Тамњаница, соседна Србија. Кажете ни нешто повеќе околу самиот настан, кој го организираше, со каква традиција е, колку учесници имаше и како се се одвиваше во услови на пандемија со Ковид-19?
СМИЛКОВ: Вториот вајарски симпозим „Тамњаница 2020“ се реализираше во местото Тамњаница, близу Ниш, Србија. Меѓународниот симпозиум е во организација на здружението „Пигмалион“, коe наредната година прославува 30 години постоење. Во рамки на ова здружение секоја година се реализираат повеќе уметнички настани, како сликарски колонии и фотографски работилници. Организатор и прокровител на сите овие колонии, симпозиуми и работилници е Горазад Чук, стопанственик и љубител на уметноста од Љубљана, Словенија. Тој многу години несебично вложува во меѓународната уметност и промоција на ликовни уметници од регионот и пошироко.
Вајарскиот симпозиум оваа година беше организиран по втор пат, а учество земаа четири вајари и еден сликар и тоа Петар Хрануели и Петар Чујо од Хрватска, Јована Туцовиќ и Маја Обрадовиќ од Србија и јас, како претставник од Македонија. И минатата година ја претставував нашата држава, на првото издание на вајарскиот сипмпозиум.
Оваа година, очекувано, се чувствуваа промените кои ги предизвика пандемијата на Ковид-19, но не во условите на работата, туку во намалениот број на посетители кои доаѓаа да го проследат нашето работење, односно оформување на скулптурите во мермер.

МАРИЛИ: Со што Вие се претставивте на симпозумот „Тамњаница“?
СМИЛКОВ: Оваа година се претставив со апстрактно стилизирана женска фигура во мермер–сивец од Прилеп. Скулптурата е со висина 190 сантиметри и ја нареков „Девојка со лаванда“. Фигурата во рацете држи букет со лаванда, a е поставена во преубав амбиент, пространо поле насадено со лаванда. Го прикажува богатството на Тамњаница – полињата со лаванда и главната култура на овие простори.
Минатата година изработив скулптура со претстава на човечка фигура во седечка позиција и со поглед на преубавиот пејзаж во состојба на занесеност, восхит и ја нареков„Занес“. И оваа скулптура, со висина од 200 сантимери е изработена во прилепскиот мермер-сивец.

МАРИЛИ: Вие сте професор на Унверзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Како се одвива наставата во услови на ковид-криза и како Вам Ви течат дневните активности во Вашата работилница во вонредни услови?
СМИЛКОВ: Наставата изминатиот семестар се одвиваше он-лајн. Нашиот Универзитет навистина многу успешно и ефикасно се реорганизираше во тој дел. Мене ми беше предизвик да ги организирам моите предавања во електронска форма, да применам нов концепт во реализацијата на наставата. Сепак, од голема помош ми беше претходното искуство со користење на повеќе е-алатки во наставата. Се надевам дека дури и во вакви услови моите предавања во новиот концепт се интересни и мотивирачки за студентите.
Зимскиот семестар повторно се планира да биде организиран на овој начин. Ковид-кризата нѐ мобилизираше на еден необичен начин, нѐ извади од рамките на класичната настава и ни покажа дека постојано мораме да се прилагодуваме кон новото и да најдеме начин најуспешно да ги искористиме електроните алатки за презентирање на наставните содржини.
Разбирливо, начинот на кој ја реализираме наставата не може да ја замени наставата со физичко присуство, особено во делот на практичниот дел, но во овој момент мора да ја имаме предвид пандемијата и да го зачуваме здравјето на нашите студентите како и сопственото здравје.
Слична е ситуацијата и на Универзитетот во Ниш, Србија, каде сум визитинг професор на студиските програми „Сликарство“ и „Графички дизајн“ на прв и втор циклус. И таму се користеа е-алатки за реализација на предавањата, сѐ со цел да се обезбеди квалитетна настава од една страна, а да се заштити здравјето од друга.
Карантинот кој сите го почуствувавме, за жал, за некои луѓе беше лош период, период на пасивизација, но за мене беше одлична можност да престојувам повеќе во моето ателје, каде не го почуствував периодот на изолација и осаменост. Новата можност за многучасовно присуство во ателје резултираше со поголема инспиративост која успеав да ја пренесам во повеќе скулптури во мермер и бронза, кои ќе бидат изложени штом се подобри ситуацијата со пандемијата.

МАРИЛИ:Вие сте претставник на современото македонско вајарство чии дела се во различни формати од минијатури до монументални скулптури. Кажете ни од каде љубовта кон вајарството, со какви материјали работите и од каде ја црпите инспирацијата? Зошто многу често женската фигура е мотив во Вашата работа?
СМИЛКОВ: Љубовта кон уметноста веројатно постоела од секогаш, или несвесно ми е стекната од опкружување со уметнички дела – скулптурите од мојот татко Александар Смилков, кој беше академски вајар.
Со вајарство се занимавам над 25 години, па од кога бев студент до денес имам реализирано скулптури во повеќе материјали, но најчесто во мермер, бронза и дрво. Материјалот го избирам според формата и движењето во скицата, но не е исклучок и самиот материјал да ме поттикне за претставување на форма и движење.
Инспирацијата ми произлегува од секојдневната комуникација со луѓето, перцепирањето на животната реалност и секојденевните влијанија врз мене. Сите влијанија резулултираат со творечка работа и различни претставувања, различни форми и решенија, за на крај да одберам едно решение кое ќе биде претставено, материјализирано во траен материјал за да почне да го живеее вистински значењето кое го претставува. Што се однесува до големината на моите скулптури, таа зависи и од тематиката и проблемот што го решавам. Има претстави на фигурација која бара свој формат, додека некои фигурации имаат потреба да бидат помали од останатите, други бараат поголеми димензии.
Точно е дека во голем дел од моите скулптури, особено од поновите циклуси преовладува женската фигурација. Впрочем, женствениот шарм е секогаш инспиративен поттик за уметниците, па оттаму и претставата на женската фигура. Сепак, во поново време, во последните фигурации од моето творештво јас повеќе би ставил акцент на претставата на душевната состојба кај човекот: состојби, замрзнати-запрени движења презентираат и опишуваат моментална духовна состојба, застаната мисла која е резултат на егзистенцијален замор, летаргија, пасивност, но, со искра надеж и исчекување на подобро утре.

МАРИЛИ: Какви се Вашите планови за во иднина?
СМИЛКОВ: Плановите во овие времиња тешко е да се предвидат. Имав договорено самостојна изложба во галеријата на Аalliance-Française во Сплит, Хрватска, но за жал, поради состојбата со пандемијата го променивме терминот за напролет. Ова лето требаше да имам самостојно претставување во Македонскиот центар за култура во Њујорк, но и овој настан чека на подобри услови за реализација.
Покани за претставување имам добиено од неколку држави во регионот, но, сепак, ќе мора да почекаме да се подобри состојбата во регионот и да се појават подобри услови за претставување. Дотогаш, јас не престанувам да творам!