Perdormire
Култура

ИНТЕРВЈУ СО ИСТОРИЧАРОТ СТОЈКО СТОЈКОВ: МАКЕДОНСКАТА НАЦИЈА ЌЕ ОПСТАНЕ, А СО ТОА И МАКЕДОНСКАТА НАЦИОНАЛНА ИСТОРИЈА!

По барање на нашите читатели, интервју по втор пат со Стојко Стојков, истакнат член на претседателството на организацијата ОМО Илинден – Пирин, професор по историски предмети на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и истакнат борец кога во прашање се македонските национални интереси! Во оваа интервју ќе разговараме за моменталната состојба, односно за денешната актуелна ситуација помеѓу Бугарија и Македонија!

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Професоре, на наше задоволство по втор пат интервју со Вас за нашиот портал. Многу работи се променија од тогаш па се’ до денес. Како ја коментирате денешната актуелна ситуација помеѓу Македонија и Бугарија?

СТОЈКО СТОЈКОВ: Задоволството е и мое. Ситуацијата стигна таму каде што се очекуваше – Бугарија ја блокира македонската евроинтеграција. Не можеме да се пожалиме дека не ни го имаат најавено тоа. Го направија пред повеќе од деценија кога ја издигнаа во принцип максимата „Македонија во Европа – да, македонизмот – не.“ Жално е што се покажа дека Македонија нема политичари кои можат да слушаат, да не зборуваме да го разбераат она што им се кажува директно. И така очекувано за сите освен може би за добар дел од македонските политичари Бугарија ја блокира и уценува Македонија со реално аморални услови кои го деградираат дури и самото човеково достоинство на Македонецот, да не зборуваме за тоа на државата и нацијата. Македонците треба да прифатат дека немаат право да имаат свое мислење за себе, ниту за својата историја, култура и јазик и за тоа треба да ја прашаат Софија да им каже што да мислат и чувствуваат. Ако имаат ставови поразлични од оние одобрени од Софија – тоа е антибугарска пропаганда. Можеби водачите на бугарската држава не сфаќаат, но тие ја третираат Македонија и Македонците како деца или како умствено заостанати луѓе кои имаат потреба од старател и мислат дека имаат право и капацитет да им бидат таков старател. Лошо е што во Македонија има луѓе кои си мислат дека ако одглумат привидна согласност со некои од претензиите на Софија последната ќе замижи и ќе ги пушти во Европа. Тоа нема да се случи, напротив таквото неискрено однесување од една страна ја охрабрува Софија да бара повеќе, а од друга ја гневи против Македонија, затоа што гледа дека ја залажуваат. Знам дека имаме силна традиција од времето на ВМРО и со ѓаволот да стануваме ортаци за да поминеме по мостот, но никогаш таа формула не била успешна – секој пат ѓаволот не буткал од мостот. Треба да бидеме чесни и пред себе и пред Бугарите – тие го заслужуваат тоа! Ако сакаме вистинско пријателство ќе постапиме така.

Треба да ја разбереме и другата страна. Бугарската позиција не е природен производ, туку последица на децениска сеопфатна политика на всадување определени претстави спрема Македонија меѓу граѓаните на Бугарија. Социјалниот инженеринг е игра со огнот, а од 1960-те наваму, кога тоталитарната власт во Бугарија го претвори национал-комунизмот во своја идеолошка база, се започна со „патриотско воспитување на младината“ и градење на „единствени научни позиции“ за македонското прашање, придружено со остракирање на сите кои не одеа во зацртаниот коловоз. Оваа повеќе од педесетгодишна организирана политика има пуштено длабоки корени. Нејзините плодовите ги береме во Бугарија денес – една длабока опсесија со македонското прашање, гарнирана со неспособност да се слушне и прифати другиот, со непријателство кон реалноста ако е спротивна на националниот сон, со патолошки стремеж со секаква цена да се одбрани својата националистичка догма. Бугарското општество е жртва на овој социјален инженеринг и искрено верува дека она што го бара од Македонците не само што е во ред, но дури е и во интерес на Македонците, дека е израз на вистинска љубов од нивна страна и затоа толку болно и гневно го доживуваат секое наше – не. Но мислам дека вистинско пријателство во такви ситуации е искреноста, дури таа да боли, цврсто да се кажува НЕ на секое патолошко залетување, ако треба еден милион пати – два пати по толку да се каже. Не можете да претендирате дека некому сте му пријател, а да го лажете за да не му ги повредите чувствата, да му давате дрога за „да не го боли“. Да се биде „најс“ во таква ситуација е најзлобното нешто што можете да го направите и на другиот и на себе си. Другиот треба да сфати дека или ќе ве прифати таков каков сте и каков што сакате да бидете или нема како да се изгради пријателство. Бугарите треба да нѐ видат такви какви што сме и да решат сакаат да ни бидат пријатели или не, а не да нѐ замислуваат во некаква бугарска романтична визија и потоа да се лутат зашто не се однесуваме во согласност со неа. Бугарското општество плаче за разбудување од ноќната мора во кое го затворија тоталитарните националисти во однос на македонското прашање. И подобро е да се направи тоа навреме, со викање отколку да се стигне на крајот до рикање.

Ако не го направиме тоа, постојано ќе се судираме со апсурдниот феномен, секое наше мислење за самите себе бугарската страна да го третира како „антибугарска пропаганда“, па д ани се заканува. Ние велиме дека сме македонска нација – тие реагираат дека тоа било антибугарска пропаганда. Ние велиме дека јазикот што го зборуваме е македонски – и еве ги пак со истото. И следат закани. А антибугарска пропаганда во облик и размери, кои заслужуваат да се спомнат во Македонија за среќа нема. Единствената антибугарска пропаганда доаѓа постојано од Софија и тоа е така веќе повеќе од еден век. Имено бугарската политика спрема Македонија и Македонците е она што во Македонија создава негативни чувства спрема Бугарија. Така било кога се создавало ВМРО, така било во Балканските, во Првата и Втората светски војни, за време на комунизмот и еве сега повторно е така. Како Софија да не сака да ги заборавиме сите непријателства од минатото – таман новата генерација ќе ги заборави и еве ја бугарската влада со нов непријателски акт за да ги разбуди заспаните спомени. Само што ги заборавивме непријателствата од време на комунизмот и еве сега Софија пак трча да ја блокира евроинтеграцијата на Македонија и да постави невозможни услови. Единствениот орезултат ќе биде ровот што Бугарија поново ќе го ископа и продлабочи, ровот што сите разумни луѓе од двете страни се обидуваат еден век да го закопаат. Само Бугарија може да ја запре таквата антибугарска пропаганда, бидејќи таа ја создава.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Вие дадовте една изјава дека за Бугарија пријателска Македонија е само ,,бугарска Македонија”. Замисла на одредени структури во соседна Бугарија која станува реалност. Што според Вас ќе се случува понатаму, до каде мислите дека ќе стигнат барањата од страна на Бугарија?

СТОЈКО СТОЈКОВ: Има две граници до каде можат да достигнат бугарските барања. Првата е македонската подготвеност за компромиси. Бугарија ќе продолжи до таму до каде ќе најде македонски политичари кои ќе ѝ прават отстапки. Се сеќавам на емисија со експерти на една од бугарските национални телевизии дента кога Македонија го ратификува договорот за пријателство. Сите експерти беа како удрени по глава од брзината со која Македонија го ратификуваше – сите признаа дека очекувале Македонија максимално да одолговлекува. Она околу што се обединија како заклучок беше дека Македонија е спремна да направи многу поголеми отстапки отколку што тие воопшто мислеле дека е возможно и дека требало и треба да бараат многу повеќе. Додека наивни лидери во Македонија си замислуваат дека ако покажат добра волја и попустливост тоа ќе го олесни пријателството со Бугарија и соодветно евроинтеграцијата, реалноста е токму спротивната – колку е попопустлива и сервилна Македонија толку поневозможно ќе биде да влезе во Европа.

Втората граница се големите сили – Бугарија ќе оди до таму до каде и дозволат да стигне. А тоа зависи од желбата на Големите сили да ја внесат Македонија во Европа. А на нив не им е гајле каков компромис ќе се постигне. И тука клучно е македонското општество јасно да ја искаже својата несогласност и категорично неприфаќање на понижувачката уцена. Така и политичарите ќе имаат силен аргумент во преговорите – големите сили да видат дека она што го бара Бугарија е неспроведливо така што да го пренасочат притисокот каде што треба – врз Софија.

Ако ниту еден од двата фактори не ја запрат Бугарија – нејзините крајни граници се јасни и тие се зад Охрид. Треба да се разбере дека ниеден „компромис“ што Бугарија го предлага не е последен и не е крајно решение – туку истиот во Софија се гледа само како најдоброто што може да се постигне во моментот и како етапа кон следно барање. Видете го сегашниот „компромис“ што Бугарија го нуди: Македонците секогаш до 1944 г. биле горди Бугари, чиј јазик, историја и култура биле и се бугарски, а само по некоја причина (од злоба, простотија, неписменост, несреќа или инает) потоа се преправени во Македонци. Тие се согласни да не викаат „Македонци“ ако ние се согласиме дека Македонците се Бугари, да го викаат јазикот „македонски“ ако ние се согласиме дека македонскиот јазик е бугарски. Тоа не е компромис, туку капитулација, но дури ни тоа не е крајното барање. Хипотетички, ако успеат да го наметнат тоа ќе побараат повеќе. Зашто крајната точка на бугарската позиција е Македонците да признаат дека се Бугари и дека државата им е втора бугарска држава. Тоа според Бугарија е вистинската и правилна позиција. Тоа е она што бугарските политичари ќе ви го кажат, ако се чесни, а често и го прават, и ако направите референдум во Бугарија – ќе победи со големо, да не речам апсолутно мнозинство.

Целата динамика меѓу двете земји наликува на процес на силување при кој едната страна се обидува да е деликатна и да не вели директно ‘‘не‘‘, за да не ги повреди чувствата на другиот и да не го поттикне кон насилство, та одолговлекува за некако да се куртули од несаканата интимност; а другата страна тоа го толкува како срамежлива подготвеност за интимност и не ја осознава грдоста на она што го прави, туку се чувствува праведно, среќна, исполнета со љубов и најдобри намери. Во таква ситуација само цврсто „НЕ“ помага, а ако треба и шамар за отрезнување. Да не кажат утре дека не знаеле што прават, па да се чудат зашто се омразени при сета нивна „љубов“.

Така што Македонија има јасен избор – да остане македонска и да каже „не“ или себе си да се деградира и да каже „да“. Нема трета опција, како што сонуваат некои.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Комисиите најдоа заеднички јазик за Цар Самуил, на пат се тоа да го сторат и за Гоце Делчев. Вашиот став за овие две важни историски прашања?

СТОЈКО СТОЈКОВ: Не мислам дека имаат најдено заеднички јазик ни за Самуил. Се судираат две наполно различни разбирања во комисијата. Македонската страна се обидува да се држи во научни рамки и да ги третира државите и појавите на средновековниот Балкан како не-етнички, додека бугарската страна се држи во рамката на националната митологија и идеологија и се стреми да ја наметне невистината дека средновековната историја на Македонија е нивна бугарска национална историја. Првите се држат како научници поставени под политички притисок, а вторите како национални идеолози кои исполнуваат политичка нарачка. Постигнатите формули се разбираат различно и тоа не е „заеднички јазик“, туку „изгубени во преводот“. Македонските колеги гледаат во комисијата шанса двете историографии да се ослободат од одредени слабости наследени од минатото, а бугарската – да ги замени силните и слабите страни на само едната, на македонската историографија со бугарска национална догматика. Проблемите само ќе се зголемуваат понатаму – не само за Гоце и ВМРО, но и потоа кога ќе се засегнат прашањата за појавата на македонската национална идеја и национална самосвест, за македонското малцинство во Бугарија, за јазикот и културата. Бугарскиот дел од комисијата има добиена јасна задача од политичкиот врв во Бугарија – да ја исполни официјално зацртаната цел ¬ – уште од Тодор Живков – редефинирање на македонската нација на пробугарска основа, која да се откаже од македонските малцинства надвор од Македонија и да ја прифати „бугарска основа“ и карактер на Македонците и сите нивни атрибути како јазик, историја и култура.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева неодамна запраша „што бил проблемот да се признае дека македонскиот јазик се базира на бугарскиот“. Како Вие како историчар гледате на нејзината изјава?

СТОЈКО СТОЈКОВ: Што бил проблемот? Ами тоа што не е вистина. Македонците не го сметаат или викаат својот јазик бугарски, никој во светот не го вика или смета за таков и во науката е докажано и прифатено дека е јазик различен од бугарскиот, а не регионална дијалектна норма на бугарскиот. Сите освен Бугарија и нејзините „учени“ создавани во тоталитарна идеолошка епрувета, се согласни по тоа прашање. Така што прашањето е зашто Бугарија не ја прифати научната вистина (како што милуваат да се изразуваат во Бугарија) и да запре да негира и присвојува туѓ јазик? Бугарските барања немаат ништо заедничко со вистината, била таа научна или не, туку само со нивното инсистирање да ја порекнат македонската нација и нејзиниот идентитет. Ако признаат дека македонскиот јазик не е бугарски сите нивни претензии губат смисла. Мотивацијата им е чисто идеолошка. Македонскиот јазик е ахиловата петица на бугарската позиција против Македонија – Бугарија објективно ја изгуби „битката за јазикот“ во светската наука. Нејзината наука за тоа прашање е целосно изолирана. Таа нема надеж дека со научни аргументи ќе може нешто да смени, аргументите не се на нејзина страна. Последната надеж ѝ е во политичарите – преку политички притисок и уценување да ја натераат Македонија сама да прифати дека македонскиот јазик е бугарски и после преку таквото добиено со насилство „признание“ да ги кандисаат некако и научниците низ светот.
За жал бугарската политика е длабоко закопана во идеологијата и минатото.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Како ја оценувате работата на македонската комисија за историски и образовни прашања? Имаат ли можност на еден начин да „покажат заби“ или и тие се под голем притисок?

СТОЈКО СТОЈКОВ: Мислам дека ако македонскиот политички врв продолжи со притисокот врз комисијата нејзините членови како достојни луѓе и научници ќе поднесат оставки. Верувам во тоа. Јас во секој случај би направил така. Секој човек со достоинство би направил така! Мислам дека на оваа етапа она што ги задржува повеќето членови на комисијата е стравот дека политичарите ќе ископаат од некаде некои интелектуални амеби што ќе се согласуваат со секаква политичка порачка. Не гледам некоја иднина во работата на таа комисија. Не и додека бугарската страна сака преку неа да ја наметне својата идеологија. Притоа би додал она што сакаат да го прифатиме е една бедна, безживотна, еднодимензионална, патолошка визија на минатото, загреана во романтика на евнуси. Една таква комисија би имала смисла и шанса да постигне нешто добро само ако Македонија прво влезе во Европската унија и потоа двете страни на рамна нога започнат да преговараат за слабостите и во двете интерпретации на минатото. И без политички и идеолошки притисок. Но тогаш не верувам дека бугарската страна би посакала воопшто да има таква комисија. Последното што политичката и интелектуална елита во Бугарија би сакала да го смени е својата фантазија за минатото. А во интерес на вистината не мислам дека и македонската страна би имала желба да направи таков храбар чекор.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Дали историјата што ја учиме, студираме, што ја пишувате и предавате се евалуира во светски рамки?

СТОЈКО СТОЈКОВ: Универзитетите во Македонија и нивните програми се објект на меѓународна евалуација. Достигнувањето на светски стандарди во образованието со нашите крајно ограничени ресурси е многу тешко остварлива задача. Се стремам, историјата што ја пишувам да ги исполнува научните критериуми, да биде објективна, креативна, оригинална и на најдобро ниво. Резултатите ги презентирам на меѓународни научни конференции, и во меѓународни научни списанија. Тоа е начинот на кој научните резултати се верифицираат – преку подложување на критика и проверка од научниците во светот. Историјата што ја предавам на студентите се трудам да биде на нивото на последните достигнувања на светската наука. Колку успевам во сето тоа не е мое да судам.

Историјата е наука во постојан развој, има мноштво различни интерпретации за секое нешто, спорни се често и оние работи што ги нарекуваме факти, а дури и во ретките случаи кога имаме нешто што се смета за „општоприфатено“ – дури ни тоа не е прифатено од сите и не се смета за неспорно. Често се случува такви „општоприфатени“ работи по извесно време да бидат исто така општо отфрлени. Да се фати есенцијата од оваа постојано зовриена дебата и да се преточи во фиксирани училишни програми на едно ниво разбирливо за децата е исклучително тешка задача, која не е успешно реализирана од ниту една научна школа или образовен систем во светот.

За жал се чини дека политиката елита во Бугарија ја разбира историјата поинаку, како идеологија со „вистини“ формулирани горе и спуштани долу, и верува дека на некој начин токму таа е сопственик на „научната вистина“ и дека е нејзин долг да ја „просвети“ „помалата сестра“. Бугарската влада пред да дава ум на некој друг би требало да ги исчисти авгиевските штали во својата историја. Пред да тргне да бара сламка во наше око, да си го разглоби дуварот во своето. Македонската политичка елита пак само сака историјата „да не им создава проблеми“. Едните сакаат да направат од историјата идол и да му жртвуваат луѓе, а другите се чудат каде да ја закопаат.

Ние како и сите луѓе имаме право на слобода на научните истражувања, не само да бидеме во право туку и да грешиме. И дури и да грешиме (а не мислам дека грешиме повеќе од било кој на Балканот) не е Бугарија таа која треба да ни кажува што е правилно и како треба да мислиме. Особено не држава во која доминира такво тоталитарно и елементарно разбирање за историската наука. Ако Бог му допушта на човекот да греши што се замислуваат дека се идеолозите во Софија!? Можеби не е лошо да се погледнат во огледало и да помислат дали пак не се тие оние што грешат.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: И за крај, едно Ваше видување што ќе се случува со македонската национална историја во иднина?

СТОЈКО СТОЈКОВ: Македонската нација ќе опстане, а со тоа и македонската национална историја. Периодот што доаѓа веројатно ќе влезе во македонски учебници како време на национален отпор против бугарската антимакедонска агресија, а тоа не е нешто што може да нѐ радува нас, а уште помалку – Бугарија. Подобро е да поминеме без тоа. Ако Бугарија сака да има пријателство меѓу двете нации треба да запре да создава нова историја што ги спротивставува, треба еднаш засекогаш да ја замени својата политика на негирање, уцена и соблазнување со политика на прифаќање, почит и пријателство. Бугарија пак ќе ги понижи и компромитира сите свои реални или потенцијални пријатели во Македонија и тоа за ништо. Што и да си мисли дека ќе постигне или нема да го биде или нема да трае. Секој компромис ќе се претвори во национално понижување и неговото отфрлање – во национална агенда. Бугарија сега на младата македонска политичка класа ѝ држи исклучително негативната лекција – никогаш да не ѝ веруваат на Бугарија за ништо, туку да се однесуваат кон неа како кон бескрупулозен сосед, на кој ако му завртиш грб ќе ти зарие нож, лажен пријател со кој не ти требаат други душмани. Ќе биде потребен нов половина век за да се заборави оваа безумна лекција.

Можам само да се надевам дека во овој скотоумен период македонските историчари ќе го зачуваат достоинството и нема да дозволат политичарите биле тие домашни или туѓи да им диктираат како да мислат и пишуваат. Денот кога неписмените ќе започнат да им диктираат на учените ќе биде трагичен ден за науката и за цивилизацијата и „крајот на историјата“ како наука.