strumica denes logo

ФИЛМОТ „TE DUA, ЖИМИ МЕНЕ“ ПРЕМИЕРНО НА 10 ОКТОМВРИ ВО СТРУМИЦА!

Автор:

Датум:

октомври 7, 2023

Категории:

Култура, Струмица

Автор:

Датум:

октомври 7, 2023

Категории:

Култура, Струмица

Филмската комедија „Те дуа, жими мене“, снимена по сценарио на Никола Кузелов и во режија на Марјан Гавриловски, на 22 септември во „Синеплекс“ ја имаше македонската премиера во Скопје, а овие денови се прикажува и во повеќе градови низ Македонија.

На 5 октомври доживеа премиера во Свети Николе, во големата сала при Домот на културата.

Сценаристот и главна улога Никола Кузелов  заедно со режисерот Марјан Гавриловски и Валентин Видовиќ ака Сакс присуствуваа на премиерата во Свети Николе и воедно Кузелов имаше кратко обраќање кон публиката преку кое се заблагодари за присуството и искажа посебна благодарност кон сограѓаните како роден СветиНиколчанец

Долгометражното филмско остварување „Те дуа, жими мене“ во режија на Марјан Гавриловски е доказ дека дури и без финансиска конструкција е можно да се направи филм, само е потребна силна волја, другарска посветеност, професионална пожртвуваност и искрена желба да се реализираат сопствените идеи. Иако беше најавен како нискобуџетен филм, станува збор за остварување направено, речиси, без буџет, но кое ги задржува сите карактеристики на филмска продукција со авторско сценарио, ангажирана актерска игра, широк кастинг, сценографски решени локации, одлична камера и монтажа и финален продукт кој ја привлекува љубопитноста на публиката.

Приказната го следи патешествието на тројца другари, квази фраер, коцкар и армоникаш, кои трудејќи се да ја вратат назад купената жена од Албанија, стануваат дел од мафијашка зделка и мораат да се справат со низа несекојдневни ликови. Фактот што филмот е снимен како независна продукција на авторите им дава тотална филмска слобода да ги рушат предрасудите и да раскажат приказна која не им робува на конвенциите.

Филмот е социјална комедија што обработува плејада тематики, почнувајќи од лажна љубов преку пријателство, религија, феминизам, криминал, па сѐ до вистинска љубов. Би рекол дека филмот под лупа ги набљудува различностите, сѐ со цел на површина да го извлече она што е заедничко меѓу нив, а тоа е човечката емоција што нѐ поврзува сите нас. Се работи за приказна што следи тројца другари што се впуштаат во патувачка авантура низ која се среќаваат со разни ликови што чекорат на раб на сатира со цел да ги карикатуризираат целните групи што ги претставуваат. „Те дуа, жими мене“ зборува за горчливи работи на сладок начин – открива сценаристот и актер Никола Кузелов.

Главните ликови ги играат Никола Кузелов, Атанас Атанасовски, Валентин Видовиќ и Ангела Стојановска. Во филмот се појавуваат низа истакнати актерски имиња, како Сенко Велинов, Тони Михајловски, Игор Џамбазов, Владо Јовановски, Мими Таневска, Фирдаус Неби, Исмаил Касуми, Мирсад Абази, Рујиш Беговска, Елдин Широки, Береда Решит, како и младите актерки Надица Петрова, Талија Настова, Ангела Димитрова, Сара Спиркоска.

Пред да се одржи домашната премиера, филмот беше прикажан на „Tirana European Youth Film Festival“ во Албанија, каде ја доби наградата за најдобар филм од публиката, а на фестивалот „Soundscreen“ во Италија ја доби наградата за најдобар игран филм.

Те дуа, жими мене е на репертоарот во киносалите на Синеплекс, Милениум,, на 10 октомври во Струмица во НУЦК „Антон Панов“ и Пробиштип, а на 13 во Демир Хисар. Најавени се гостувања и во останатите градови во Македонија.