Деновиве низ Струмица…

мај 23, 2019

Пролетта е особено интересен период за струмичани. Градот заживува и се раздвижува, ноќните излегувања се зачестуваат, иселениците се враќаат. Еве што е најактуелно низ градот деновиве:

  • Се’ уште течат муабетите за изминатите матурски забави – кој бил најубаво облечен, кој вложил најмногу пари. Бабите и тетките убаво ги прегледуваат фотографиите со партнерите и партнерките, давајќи коментари под мустаќ, од типот – „Па, симпатично дете е.“. Се разгледуваат добиените подароци, а самите матуранти си дофрлуваат еден на друг за глупостите коишто ги имаат направено. Се разбира дека мора да се најде коњска кола, дури и по цена да се падне од неа. Се разбира дека промилите алкохол не се бројат, а не се бројат ни парите дадени на трубачите. Можеби сепак, најинтересни се муабетите за оние родители кои им имаат направено матурска забава на нивните деца, иако се оставени на полагање и се’ уште е непознато дали навистина ќе го завршат средното образование.
  • Почнуваат подготовките за полуматурските – се бараат термини за фризери, шивачки, слободни делови од ресторани, па дури, се изнајмуваат и бендови. Бабите од маалото небаре поминуваат на по едно кафе, а намерата е јасна и гласна – да го видат фустанот на полуматурантката.
  • Се изнагледавме на слики од средношколската екскурзија – Будимпешта, Прага, Виена и Минхен.
  • Кафе шемите се поактуелни од било кога – од 9 часот наутро се зафаќаат масите.
  • Училишната година се’ уште не е завршена, но исто како да е – на подем се плановите за летен одмор, се усогласуваат друштвата за Грчка или Будва.
Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ