Секторот за внатрешни работи Струмица до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција-Скопје, поднесе кривична пријава против полицискиот службеник М.Д. (29) од Струмица, поради постоење основано сомнение дека пријавениот сторил кривично дело “Злоупотреба на службена положба и овластување “, казниво по член 353 од Кривичниот законик. На 21.11.2019, пријавениот превезувал лица-мигранти од Сирија со патничко моторно возило „Алфа ромео“ и им изнудил парични средства за транспортот, при што од едно од нив зел две банкноти од по педесет евра, велејќи им дека истите нема да ги превезува и дека ќе ги симне од возилото додека не му дадат пари.
При транспортот на мигрантите, пријавениот бил запрен од полициски службеници од СВР Струмица, при што мигрантите и пријавениот биле зафатени во претходно договорена акција за сузбивање на криумчарење на мигранти. Мигрантите биле пренесени во прифатниот транзитен центар “Винојуг“ Гевгелија каде истите пријавиле дека пријавениот им изнудил парични средства во висина од 100 евра. На предлог на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција-Скопје на пријавениот му е одредена мерка притвор.