По ненајавените посети на Народниот правобранител на затворите во Скопје, Струмица и Куманово, констатирани се крајно лоши услови за сместување на притворените и осудените лица, сериозен недостиг на професионален и стручен кадар, што влијае на остварувањето на правата на притворените лица во процесот на ресоцијализација. На денешната прес конференција за јавноста се обрати заменик народниот правобранител Васка Бајрамовска.
„Станува збор за нечовечки услови, затворениците одат во тоалет без врата, хигиената е на најниско ниво и на притворените им е ускратено правото на непречена здравствена заштита и остварувањето на други права за време на издржувањето на мерката притвор или казната затвор во казнено-поправните установи“, рече заменик народниот правобранител Васка Бајрамовска.
„Медицинската заштита во затворите се одвива во услови на недостиг на здравствен и медицински кадар, а забележана е и неопременост на амбулантите со соодветна апаратура и лекови. Во затворите по 20 часот нема обезбедено присуство на здравствен персонал од кој било профил“, рече Бајрамовска, по што додаде дека особено незадоволителна е состојбата во затворот во Струмица, каде што еден доктор од општа пракса и една медициска сестра од Здравствениот дом во Струмица доаѓаат само двапати во неделата по неколку часа.
Според Бајрамовса констатирано е и повреда на правото на приватност, лоши материјални услови, нефункционален систам на повикување, а според разговорот со притворените се пожалиле дека биле навредувани на национална основа.