Преокупирана со стравот од коронавирусот, информациите за бројот на заболени и починати лица, но и со рестриктивните мерки за заштита на населението, во јавноста во земјава како да спласна интересот за младата Марија Брзакова од струмичкото село Босилово, која исчезна уште пред повеќе од три месеци, и оттогаш и се изгуби секаква трага. – пишува ФАКТОР.
Марија се уште не е пронајдена, а Обвинителството, кое уште од поодамна го презеде случајот, не ја прекинало потрагата. Таа се уште трае.
Во изминатиов период се проширија бројни шпекулации за Марија, што е и лочично за еден вака мистериозен случај. Една од нив беше дека Марија можеби ја напуштила земјава, иако тоа е многу тешко веројатно, бидејќи како што кажаа нејзините најблиски, таа кога заминала, кај себе немала лични документи.
Фактор се интересираше во струмичкото јавно обвинителство до каде е истрагата. Оттаму велат дека таа е во тек, а потврдуваат и дека се испитувала евентуална кривична одговорност кај нејзини блиски во семејството. Од она што досега се искристализирало, Марија сигурно не ја напуштила земјава, велат од обвинителството.
„Во врска со исчезнувањето на лицето за кое покажувате интерес, Основното јавно обвинителство Струмица оформи предмет и во рамките на предистражна постапка презеде повеќе дејствија – прибавени се видео снимки од безбедносните камери на повеќе приватни и деловни објекти во Босилово, испитани се семејството, роднините, повеќе граѓани кои имале контакти со семејството на исчезнатата, како и лица за кои надлежниот обвинител сметаше дека би можеле да имаат сознанија за настанот. Дополнително, во насока на испитување на евентуална кривична одговорност, беше извршен претрес во домот на исчезнатото лице и беа издадени наредби за вештачење на мобилни телефони во сопственост на исчезнатата и на нејзини блиски лица. Од страна на правосудната полиција, во соработка со ловни друштва и граѓани беше организирана потрага по исчезнатата, но таа потрага не даде резултати“, велат за Фактор од струмичкото јавно обвинителство. – стои во објавата на ФАКТОР.
Оттаму уште потенцираат дека од добиените податоци од сите гранични премини и од двата аеродроми во земјава, било утврдено дека исчезнатата не ја напуштила државата.
„Основното јавно обвинителство Струмица продолжува со преземање дејствија во насока на расветлување на случајот“, велат од обвинителството.
Пред околу три месеци Министерството за внатрешни работи ја стави Марија Брзакова на списокот на исчезнати лица. Објавена беше и нејзина фотографија која требаше да им помогне на граѓаните, доколку го лоцираат лицето, сите информации што ги имаат за него, или да ги достават до најблиската полициска станица, или да се јават на дежурниот број на МВР.
Марија Брзакова од Босилово, која е родена во 1991 година, исчезна на 18 јануари, и оттогаш и се губи секаква трага.
МВР долго трагаше по Марија, а во потрагата се вклучија и специјални тимови, па дури и граѓани доброволци, кои ја бараа дури до бугарската граница, но безуспешно.
Дел од шпекулацииите што се појавија во јавноста во отсуство на официјални информации, беа дека младата Марија кога исчезна била бремена во вториот месец, како и дека додека живеела во Швајцарија, се до септември минатата година, имала семејни проблеми. – пренесува ФАКТОР.
Во меѓувреме, Марија се бараше и преку групи на социјалните мрежи, кои бројат поголем број членови. Се споделуваа фотографии од младата жена и мајка на малолетно дете, а граѓаните се молеа за било какви информации да се јават или во МВР, или на телефонскиот број кој беше оставен за контакт, но и тоа се покажа како безуспешно.
Оригиналната вест може да ја погледнете ОВДЕ.
Извор: ФАКТОР.