Младите брачни парови во Струмица би можеле да дојдат до сопствен стан по значително пониска цена од пазарната, доколку се усвојат новите законски решенија што ги најави премиерот Христијан Мицкоски.
Станува збор за мерка со која на брачните парови, кај кои најмалку еден од сопружниците е на возраст до 35 години, ќе им се овозможи купување стан во новоградба по цена за 20 проценти пониска од просечната цена во соодветната катастарска општина од претходната година.
Според податоците што ги презентираше премиерот, просечната цена на квадратен метар во новоградбите во Струмица изнесува 751 евро, додека со предложената мерка таа би се намалила на 601 евро.
Тоа би значело дека млад брачен пар во Струмица, за стан од 60 квадратни метри, би издвоил околу 36.060 евра, односно 9.000 евра помалку во споредба со наведениот просек.
Предвидено е градежните компании да резервираат најмалку 10 проценти од станбената површина во новите објекти за купувачите кои ги исполнуваат условите. Дополнително, Мицкоски ги повика градоначалниците да ја разгледаат можноста за намалување на комуналиите за овој дел од новоградбите.
Посебно законско решение се подготвува и за младите брачни парови кои наместо стан сакаат да изградат сопствена куќа. За нив се предвидува целосно ослободување од плаќање комуналии за изградба, а општините се повикани да обезбедат урбанизирани парцели со почетна цена од едно евро за квадратен метар на јавно наддавање.
Двата предлог-закона, според најавите на Мицкоски, треба да бидат доставени до Собранието во декември, со цел нивната примена да започне во 2027 година.
Конечната цена по која младите струмички брачни парови би можеле да купуваат станови ќе зависи од официјалниот годишен просек на цените за 2026 година и усвојувањето на законските решенија.























