strumica denes logo

„Биди инклузивен“ – кампања за прифаќање, разбирање и еднакви можности во СОУ „Јане Сандански“ во Струмица!

Автор:

Датум:

ноември 26, 2026

Автор:

Датум:

ноември 26, 2026

Во пресрет на 3 декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост, СОУ „Јане Сандански“ – Струмица ја реализира кампањата „Биди инклузивен“, чија цел е подигнување на јавната свест за правата, можностите и потенцијалите на лицата со попреченост, надминување на стереотипите и предрасудите и поттикнување на прифаќањето, почитувањето и еднаквото учество во општеството.

Посебен акцент во кампањата се става на учениците и нивната улога во градењето инклузивна училишна средина преку развивање емпатија, солидарност и чувство на припадност.

Во рамките на кампањата се реализираат низа едукативни, креативни, интерактивни и промотивни активности. Предвидени се едукативни предавања, креативни работилници со ученици и родители за изработка на новогодишни честитки и декоративни предмети, уметнички активности преку кои се создаваат заеднички симболични творби посветени на инклузијата, како и видеопораки и промотивни содржини.

За последниот ден на кампањата, 3 декември, се подготвуваат посебни активности и инклузивна изложба на која ќе бидат претставени ликовни и креативни творби од учениците од сите четири години, со заедничка порака за прифаќање и почитување на различностите.

Иницијативата за оваа кампања произлегла од Ученичкиот парламент, чии членови се специјалниот едукатор и рехабилитатор Наташа Георгиева, како и професорките Зуле Цонева и Билјана Христова, а кампањата се реализира со поддршка на директорката на училиштето Зорица Витанова.

Во реализацијата на активностите се вклучени учениците од сите четири години, наставниците, Ученичкиот парламент, Инклузивниот тим при училиштето, образовните асистенти, родителите на учениците со попреченост, како и партнери и соработници од локалната заедница. Учениците со попреченост се активни учесници во заедничките активности.

„Не бараме посебен третман, туку еднакви можности, прифаќање и почитување“ е една од клучните пораки на кампањата, преку која се нагласува дека попреченоста не ја дефинира личноста и дека секој човек има свои способности, таленти, желби и потенцијали.

Од училиштето посочуваат дека целта не е само да се одбележи Меѓународниот ден на лицата со попреченост, туку и да се придонесе кон трајно градење безбедна, инклузивна и поддржувачка училишна средина во која секој ученик ќе биде прифатен, почитуван и рамноправно вклучен.

„Инклузијата не започнува со еден настан и не завршува со една кампања. Таа започнува тогаш кога ќе научиме да го гледаме човекот пред неговата попреченост, да ги препознаваме неговите способности наместо ограничувањата и да создадеме средина во која секој ќе се чувствува прифатен, вреднуван и еднакво важен. Со оваа кампања сакаме да испратиме порака дека различностите не нè разделуваат, тие нè збогатуваат. Зашто вистински инклузивно општество не е она во кое само имаме место за сите, туку она во кое сите навистина припаѓаме“, порача Наташа Георгиева, специјален едукатор и рехабилитатор при СОУ „Јане Сандански“ – Струмица и координатор на кампањата.