Отворени се 43 работни места за патролни шумски полицајци во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Јавниот оглас предвидува вработување на неопределено време и месечна нето-плата од 36.246 денари, а можност за пријавување имаат и кандидати кои немаат работно искуство.
Минималниот степен на образование што се бара е средно. Покрај другата документација предвидена во огласот, заинтересираните треба да приложат лекарско уверение и потврди за положен психолошки тест и тест за интегритет.
Ангажираните лица ќе работат на терен, со задачи поврзани со чувањето на шумите и откривањето бесправна сеча и кражби. Тие ќе вршат и контрола на превозот и преносот на дрва и други шумски производи, а ќе имаат обврска да следат и пријавуваат појава на шумски пожари, растителни заболувања и штетници.
За овие работни позиции е предвидена работа во три смени, со распоред што ги опфаќа деновите од понеделник до недела. Неделниот фонд изнесува 40 работни часа.
Пријавувањето трае 20 дена од објавувањето на огласот. Кандидатите треба да ги достават пријавите и потребните документи до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во согласност со условите наведени во јавниот оглас.
КЛИКНЕТЕ НА ЛИНКОТ ЗА ОГЛАСОТ: https://www.mzsv.gov.mk/mk-MK/odnosi-so-javnost/javni-oglasi/javen-oglas-12026-za-vrabotuvanje-na-43-patrolen-sumski-policaec
























