strumica denes logo

ПАЛЕ ГАЛЕВА Е НОВАТА ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА УНИЈАТА НА ЖЕНИ НА ВМРО-ДПМНЕ ВО СТРУМИЦА

Автор:

Датум:

октомври 15, 2026

Автор:

Датум:

октомври 15, 2026

Пале Галева е именувана за претседателка на Унијата на жени при Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ – Струмица. Како што соопшти во својата објава, именувањето е на предлог на претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, а со одлука на Извршниот комитет на партијата.

Галева истакнува дека укажаната доверба за неа претставува чест, но пред сè одговорност да се продолжи со посветена работа, да се надгради постигнатото и да се остварат конкретни резултати. Новата функција, како што посочува, ја прифаќа со сериозност, јасна визија и решителност да ја оправда довербата.

Во објавата таа упатува благодарност до Марија Митева за довербата, како и до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за поддршката на Унијата на жени и на активното учество на жените во политичкиот живот.

Посебна почит и благодарност изразува и до сите претходни претседателки за нивниот придонес во развојот на Унијата, нагласувајќи дека нејзината определба е досегашната работа да се надградува со нови идеи, иницијативи и поголема посветеност.

Според Галева, нејзината визија е силна, организирана и современа Унија на жени, која ќе ги поврзува генерациите, ќе ги вреднува знаењето и искуството и ќе создава простор за развој на нови лидерки. Притоа, таа се залага секоја жена да има можност активно да учествува, да го развива својот потенцијал и да придонесува кон заедничките цели.

Во своето дејствување најавува фокус на јасни приоритети, конструктивна соработка и конкретни резултати. Заедништвото, заемната почит и посветената работа, според неа, се темелите на силна организација, а вредноста на секоја функција најдобро се потврдува преку делата.