Здружението ВЕРА од Струмица, по повод октомври – месец посветен на прифаќањето и еднаквоста, упати порака за поголема свест, разбирање и поддршка на лицата со Даунов синдром.
Од здружението нагласуваат дека овие лица треба да бидат препознаени како личности со свои желби, чувства, способности, таленти и соништа, наместо да бидат гледани исклучиво низ нивната дијагноза.
„Тие не бараат сожалување. Тие бараат прифаќање, почитување и еднакви можности“, порачуваат од ВЕРА.
Во соопштението се потсетува и на Верче, девојката која била причината за основање на здружението. Нејзината приказна, посочуваат оттаму, е во темелот на нивната заложба за општество во кое различностите се прифаќаат како вредност.
Од ВЕРА истакнуваат дека инклузијата не смее да остане тема само во текот на еден месец или на одреден ден. Потребни се секојдневни можности лицата со Даунов синдром да учат, да се дружат, да создаваат, да се развиваат и активно да учествуваат во животот на заедницата.
Според здружението, секое дете заслужува да расте во средина во која ќе биде прифатено, а секој човек да биде виден, слушнат и почитуван. Затоа повикуваат вниманието да се насочи кон потенцијалот на секој поединец и кон она што може да го постигне доколку добие соодветна можност и поддршка.
Пораката на ВЕРА Струмица е дека прифаќањето треба да се покажува преку конкретни постапки, со надминување на предрасудите и создавање општество во кое секој човек има свое место.






















