Христијан Ефтимов е избран за нов претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица. Тој е студент на шеста година на Општа медицина на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и досегашен активист во младинската организација на партијата.
Ефтимов е роден на 13 јуни 2002 година во Струмица. Основното образование го завршил во ООУ „Никола Вапцаров“, а средното во СОУ „Јане Сандански“ во Струмица. Член е на Извршниот комитет на УМС и на Републичката комисија за здравство при УМС на ВМРО-ДПМНЕ.
Неговиот досегашен ангажман опфаќа учество во активности поврзани со младинското учество, образованието, спортот и здравството. На локалните избори бил дел од советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ за Општина Струмица, а во изборната кампања ја извршувал и функцијата личен асистент на актуелниот градоначалник.
Покрај политичкиот и младинскиот ангажман, Ефтимов има и спортско искуство како долгогодишен член и капитен на ракометниот клуб „Астраион“ од Струмица. Во 2026 година е избран и за учесник на 17. Школа за млади лидери на претседателот Ѓорге Иванов.
Како приоритети во преземањето на новата функција ги посочува поголемата вклученост на младите, поддршката за нивните идеи и иницијативи и зајакнувањето на младинската организација во Струмица. Во својот ангажман акцент става на тимската работа и директната комуникација со младите, со цел нивно поактивно учество во развојот на локалната заедница.




















