Електричните тротинети, мопедите и мотоциклите сè почесто се дел од сообраќајот, но и сè почесто стануваат ризик кога се возат без правила. МВР соопшти дека во Струмица била спроведена акциска контрола за санкционирање возачи кои не ги почитуваат прописите.
Контролата се одвивала во периодот од 17 до 23 часот, а ја спровеле Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата и Одделението за сообраќајно и ескортно обезбедување.
При контролата биле изречени вкупно 70 мерки за сторени сообраќајни прекршоци и кривични дела. Најмногу санкции се однесуваат на возачи на мотоцикли кои управувале без заштитен шлем.
Според МВР, изречени се 31 мерка за возење мотоцикл без кацига, пет мерки за истечена важност на сообраќајна дозвола, три мерки за несоодветна категорија и три мерки за неистакната регистарска таблица.
Полицијата информира дека биле откриени и шест кривични дела, меѓу кои е опфатено и едно малолетно лице. Лицата биле лишени од слобода поради сомнение за кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“.
Одземен е и еден мотоцикл поради истечена важност на сообраќајната дозвола повеќе од шест месеци. За сите сторители ќе бидат изготвени соодветни поднесоци.






















