СОУУД „Димитар Влахов“ од Струмица повторно постигна значаен успех, овојпат во рамки на Земјоделско-ветеринарната струка. На Државниот натпревар кој се одржа во Валандово, учениците од ова училиште ја освоија престижната титула – севкупен победник за 2026 година, потврдувајќи го континуитетот на врвни резултати.
Во поединечните дисциплини беа освоени повеќе награди. Во категоријата возење во машка конкуренција, Мартин Гавровски го освои второто место под менторство на Васко Стојков, додека Натали Донева беше првопласирана во женска конкуренција во дисциплината вешто возење, исто така под менторство на Стојков.
Втори места беа освоени и во повеќе стручни области: Ангела Стојевска во размножување на растенија (ментор Љубица Спасова), Мери Јанева во заштита на растенијата (ментор Емилија Великова) и Матеа Брнзевска во ветеринарна медицина (ментор Валентина Л. Дончева).
Со овие резултати, СОУУД „Димитар Влахов“ ја продолжува својата успешна традиција и ја зацврстува позицијата како едно од водечките училишта на државно ниво во оваа област. Успехот е резултат на посветената работа на учениците и наставниот кадар, кои со својата ангажираност и знаење постигнуваат врвни резултати.





















