Премиерот Христијан Мицкоски денеска соопшти дека Владата донела нови вонредни мерки за ублажување на притисокот врз цените на горивата, меѓу кои продолжување на намалениот ДДВ од 10 проценти до крајот на кризната состојба и намалување на акцизите за дизелот и бензините, се наведува во неговото обраќање.
Според соопштението, акцизата за дизелот ќе се намали за 4 денари по литар, а за безоловните бензини од 95 и 98 октани за 2 денари по литар. Мицкоски изјави дека со овие мерки Владата сака да спречи нов ценовен удар и да го зачува стандардот на граѓаните. „Владата не чека кризата да нè прегази. Владата делува“, порача премиерот.
Тој рече дека претходно веќе била донесена одлука за намалување на ДДВ од 18 на 10 проценти и дека таа мерка сега се продолжува до крајот на кризната состојба, која, како што наведе, треба да трае до околу 20 април. Според неговите калкулации, без новото намалување на акцизата, цената на дизелот ќе достигнела околу 102 денари за литар, додека бензините би поскапеле за 1,5 до 2 денари.
Мицкоски информираше и дека Владата водела разговори со „ОКТА“, по што компанијата се согласила да го продолжи попустот до крајот на април. Според него, тоа значи дополнителни 3 денари попуст по литар за дизелот и 2 денари по литар за безоловните бензини од 95 и 98 октани. Со тоа, како што рече, се амортизира потенцијалното зголемување на цените.
Во обраќањето премиерот наведе дека потрошувачката на гориво минатата недела достигнала рекордни 2 милиони литри дневно и дека има силен притисок на северната, јужната и западната граница, каде на дел од бензинските пумпи потрошувачката била триплирана. Сепак, тој рече дека засега нема потреба од ограничувања, бидејќи, како што наведе, количините се обезбедени и домашните потрошувачи нема да бидат загрозени.
„Со оваа одлука испраќаме јасна порака – нема да дозволиме товарот од глобалната криза да падне врз плеќите на граѓаните“, изјави Мицкоски, додавајќи дека Владата и натаму ќе ја следи состојбата и ќе носи дополнителни мерки доколку тоа биде потребно.
























