Ученици од осмо и деветто одделение при ООУ „Гоце Делчев“ – Василево, заедно со нивниот наставник Наце Тушев, остварија едукативна посета во просториите на Општина Василево.
Во рамките на наставната програма по предметот „Граѓанско образование“, учениците се запознаа со надлежностите и секојдневната работа на градоначалникот и Советот на општината. Тие имаа можност да поставуваат прашања поврзани со функционирањето на локалната самоуправа, на кои градоначалникот Славе Андонов со задоволство одговори.
Од Општина Василево истакнуваат дека ваквите средби се особено значајни, бидејќи ги мотивираат младите и ги поттикнуваат да се вклучат во општествените процеси, а воедно потсетуваат дека сите активности и проекти се насочени кон создавање поубави услови за живеење за најмладите жители на општината.



























