Во преполната сала на хотелот „Грандис“ во Струмица, денес се одржа Бизнис форум на кој присуствуваше премиерот на Република Македонија, проф. д-р Христијан Мицкоски. Настанот ги обедини најистакнатите бизнисмени, инвеститори и економски лидери од регионот, со цел да се дефинираат приоритетите за унапредување на домашната економија и поддршка на реалниот сектор.
Во своето обраќање, премиерот Мицкоски потенцираше дека Владата е решена да создаде стабилна, предвидлива и конкурентна економска средина која ќе ја поттикне приватната иницијатива и ќе ги награди оние кои вложуваат труд, знаење и иновација.
„Ќе ја ослободиме економијата од административни кочници и ќе обезбедиме вистински партнерски однос со деловната заедница. Нашата цел е јасна – економски силна, стабилна и просперитетна Македонија,“ истакна премиерот.
На форумот учество зедоа и министерот за транспорт и врски Александар Николоски, министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, заменик-министерот за економија и труд Маријан Ристески, економскиот стратег Зоран Ставрески, како и кандидатот за градоначалник на општина Струмица, Петар Јанков.
Форумот беше оценет како значаен чекор кон изградба на доверба помеѓу Владата и приватниот сектор – со фокус на отворање нови можности за инвестиции, зајакнување на извозниот потенцијал и унапредување на бизнис-климата во регионот.