strumica denes logo

ГОДИШЕН ОТЧЕТ НА КПУ ЗАТВОР СТРУМИЦА: ЗГОЛЕМЕНА БЕЗБЕДНОСТ, НОВИ ПРОЕКТИ И ПОДОБРИ УСЛОВИ ЗА РЕСОЦИЈАЛИЗАЦИЈА!

Автор:

Датум:

август 19, 2025

Автор:

Датум:

август 19, 2025

Казнено-поправната установа Затвор Струмица под водство на директорот Зоран Ристов во периодот од 24 јули 2024 до 24 јули 2025 година реализираше низа активности насочени кон подобрување на безбедноста, условите за работа и ресоцијализација на осудените лица.

Во годишниот отчет се наведува дека установата започнала со работа во тешки услови, со нарушена безбедност и недоверба меѓу вработените, но преку транспарентен пристап и јасна организациска структура успеала да воспостави стабилност и контрола.

Во изминатата година беа преземени повеќе мерки за подигнување на безбедносното ниво. Инсталиран е нов систем за видеонадзор, извршена е изградба на бетонски ѕид со должина од 50 метри и висина од 4 метри, како и метална ограда од 15 метри, со што е засилена периметарската заштита. При редовни и вонредни претреси од установата биле одземени недозволени предмети како мобилни телефони, алати и наркотични супстанции, кои биле предадени на СВР Струмица.

Посебно внимание било посветено на кадарот, затворската полиција добила нови униформи, а значителен број вработени присуствувале на обуки и семинари поврзани со безбедност, комуникација и човекови права.

Во рамки на воспитно-корективната работа со осудените лица, биле организирани бројни предавања и работилници на теми како финансиска писменост, здрава исхрана, родителство и справување со стрес, како и културни и спортски активности. Овие програми придонеле за подобра ресоцијализација и создавање позитивна атмосфера во установата.

Меѓу идните приоритети се најавуваат реконструкција на системот за парно греење, изготвување проектна документација за нова трпезарија и кујна, како и дополнително унапредување на инфраструктурата.

Особено значајно достигнување е завршувањето на изградбата на црквата во кругот на установата, започната во 2013 година и завршена во 2025 година со поддршка на приватниот сектор и благослов на Епископот Стобиски Јаков. Црквата ќе претставува духовен центар за осудените лица и персоналот.

Директорот Ристов во отчетот истакнува дека Затвор Струмица останува посветен на својата мисија – обезбедување на безбедна, хумана и праведна средина, со ресоцијализацијата на осудените лица како врвен приоритет.