Општина Василево, во соработка со општинските одбори на Сојузот на борците од Струмица и Радовиш, со достојно чествување ја одбележа 84-годишнината од значајниот настан од поновата историја – средбата меѓу младите од Струмица и Радовиш, што се одржала на 19 јули 1941 година.
Свеченоста се одржа пред спомен-плочата на влезот во населеното место Радичево, поставена во чест на овој историски момент. Со положување свежо цвеќе, делегации од Општина Василево и Сојузот на борците изразија почит кон младите ентузијасти кои токму на ова место, пред 84 години, ги поставиле темелите на идната револуционерна соработка меѓу двата краја.
Во рамки на настанот беше прочитан и пригоден реферат, со кој уште еднаш беше потенцирано значењето на 19 Јули како симбол на борбеност, солидарност и визија за заедничка иднина.
Општина Василево продолжува со негата на историското паметење и почитта кон генерациите кои го трасираа патот на слободата и достоинството.