„После години магични изгрејсонца, музика под ѕвездите и слобода на брегот на Дојран, време е за ново поглавје. Со срце полно љубов и почит, кажуваме огромно „Благодарам“ на прекрасните Дојран и дојранчани за сите незаборавни моменти, за гостопримството со кое својот град го направија местото каде што од 2011 година нашите соништа се спојуваа со реалноста“, велат организаторите на „Д Фестивал“.
„Ова лето, за јубилејната 15ка, нашиот фестивалски караван продолжува кон Штип – опкружени со планини и река, под Исарот е новата дестинација за најпозитивната фестивалска дружина, нов простор за магија и ново платно за испишување на највозбудливите фестивалски приказни. Нови хоризонти, истиот дух, уште повеќе љубов! Во единствената летна фестивалска авантура во Македонија, сонуваме заедно! И заедно го живееме сонот!“, потенцираат од „Пасворд продукција“, под чија капа се организацира фестот.
Речиси деценија ипол, Д Фестивал го брендираше Дојран како кул место со позитивни вибрации кое младите го маркираа како свој задолжителен пит-стоп во летниот период, иако локалните власти упорно го враќаа местото на нивните естетски и вредносни параметри, пукајќи пари на концерти на Цеца, Жаре Бербер, Раста, Адил…