strumica denes logo

СКАНДАЛ: Зеленски ја напушти Белата куќа – Трамп му порача да се врати кога ќе биде подгoтовен за мир!

Автор:

Датум:

март 1, 2025

Автор:

Датум:

март 1, 2025

По невидена кавга пред камери, американскиот претседател Трамп и неговиот украински колега Зеленски ја прекинаа средбата во Вашингтон. Трамп претходно упати обвиненија против Зеленски дека ризикува трета светска војна.

Прво дојде до скандал во Белата куќа, жесток вербална пресметка пред камери, а потоа до предвремено заминување на Зеленски. Американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот заменик Џеј Ди Венс го укорија украинскиот претседател Володимир Зеленски пред новинарите со остри зборови.

„Ги ставате во опасност животите на милиони луѓе. Ризикувате трета светска војна“, рече Трамп обвинувајќи го Зеленски за непочитување преку залагањето за безбедносни гаранции од САД. За време на гласната расправија, Трамп го обвини Зеленски дека „воопшто не е благодарен“. „Ќе биде тешко да се води бизнис на овој начин“, додаде американскиот претседател.

Трамп се закани: „Договор или ние сме надвор“
Трамп побара Зеленски да го промени својот став. Тој постојано го прекинуваше додека украинскиот претседател се обидуваше да одговори. На моменти се водеше жешка размена на зборови.

Трамп се закани дека ќе ја остави Украина на цедило во борбата против Русија доколку не се постигне договор со лидерот на Кремљ, Владимир Путин: „Или ќе склучите договор или ние сме надвор“, се закани тој.

„Вашата земја е во голема неволја. Знам дека нема да победите. Имате проклето добри шанси да се извлечете од ова во еден дел поради нас“, налутено рече Трамп.

Зеленски ги прекрсти рацете, се обиде да се одбрани и се пожали дека никој ефективно не го спречил Путин по руската анексија на полуостровот Крим во 2014 година.

Трамп беше поддржуван од американскиот потпретседател Џеј Ди Венс. „Господине претседателе, со сета почит. Сметам дека е непочитување од ваша страна да влезете во Овалната соба и да се обидете да преговарате пред американските медиуми“, рече Венс. „Токму сега, кога одите наоколу принудувајќи регрути на фронтот затоа што имате проблеми со воена сила, треба да му се заблагодарите на претседателот (Трамп) што се обиде да ја подобри ситуацијата“.

„Треба да бидете благодарни „Да ја немавте нашата воена опрема, војната ќе беше завршена по две недели“, истакна меѓу другото Трамп, мислејќи на агресорската војна против Украина што Русија ја започна во 2022 година. „Морате да бидете благодарни“, инсистираше Трамп. Тој во последните неколку недели го опсипа својот украински колега со навреди без основа, но го ублажи тонот пред посетата на Зеленски.

Трамп вечерва ја прекина средбата со зборовите: „Мислам дека доволно видовме“ и, гледајќи во присутните новинари во просторијата: „Ќе биде одлична телевизија, можам да ви го кажам тоа”.

Натамошниот состанок потоа беше откажан – Трамп и Зеленски всушност требаше да потпишат договор за суровини. Зеленски потоа ја напушти Белата куќа.

Средбата меѓу двајцата претседатели во Белата куќа која што беше очекувана со големо нетрпение, започна мирно. Околу 40 минути по разговорите зад затворени врати, Зеленски и Трамп одговараа на прашањата на новинарите, а потоа ситуацијата излезе од контрола.

На неговата онлајн платформа Truth Social, Трамп подоцна го коментираше состанокот на следниов начин: „Тој може да се врати кога ќе биде подготвен за мир“. Зеленски „не ги почитуваше Соединетите Американски Држави во ценетата Овална соба”.