Градоначалниците кои ќе произлезат од претстојните локални избори ќе можат да бидат разрешени пред истекот на нивниот мандат, доколку се изгласа новиот закон за локална самоуправа. Оваа можност би можела да се имплементира за прв пат, со оглед на тоа што според сегашниот закон, градоначалникот се менува само во случај на смрт или оставка. Се разговара за две опции: разрешување на градоначалникот преку референдум или со 2/3 мнозинство од општинските советници.
Од ВМРО-ДПМНЕ не негираат дека актуелната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска ги „мотивирала“ да најдат правна алтернатива.
Владата одржува јавни дебати со експерти и актуелни општински челници. Нацрт верзијата на новиот закон ќе биде готова до крајот на март кога ќе биде претставена пред сите пратенички групи. Се очекува законот да стапи на сила пред следните локални избори кои ќе се одржат во октомври.
Некои од другите измени се воспоставување општински поредок или казнување на девијантните постапки на граѓаните во однос на јавниот ред и чистота преку општинска служба или полиција, како и поголема вклученост на граѓанскиот сектор во одлучувањето. Експертите повикаа на повеќе контролни механизми врз работата на локалната власт, како и развој без постојана зависност од централната власт.
Алсат побара став од двете опозициски партии СДСМ и ДУИ за јавните дебати кои се водат и за најавените измени, особено за опцијата за промена на градоначалникот, иако се уште нема предлог-закон. Досега немаме добиено одговор.
Сегашниот закон за локална самоуправа е донесен во 2002 година како резултат на Охридскиот договор, а неговата примена започна во 2005 година.