strumica denes logo

МИЦКОСКИ: Жестоко ќе одговориме на сите провокации и обиди за дестабилизација!

Автор:

Датум:

ноември 29, 2024

Автор:

Датум:

ноември 29, 2024

Премиерот Христијан Мицкоски го осуди сквернавењето на државното знаме вчера, очекува дека вакви случувања, чија цел се етнички тензии, да има и во иднина и апелираше до сите граѓани да останат мирни на провокации зашто во овој момент ни треба трезвеност и мир. Според него, се работи за „мала, изолирана и манипулирана група од оние кои ги штитат своите милиони“.

Нагласи дека Владата ќе одговори жестоко на сите провокации и обиди да се дестабилизира мирот и безбедноста во државата.

-Најостро го осудувам, тоа сепак претставува чин на агресија, нешто за коешто ние предупредувавме дека ќе се случува, дека ваков тип на обиди за ескалација на случувањата и креирање етнички тензии ќе има, и ќе има и во иднина. Нема да биде изолиран случај, очекувајте дека ќе има и во иднина, бидејќи како правдата полека, но сигурно се доближува до криминалците и како правдата ќе затропа на нивните врати, така тие ќе стануваат понервозни, понетрпеливи и единствениот начин да го одбранат криминално стекнатиот капитал е токму вака, со манипулирање и предизвикување ваков тип на инциденти, изјави Мицкоски.

Тој рече дека имале информации оти токму ова ќе се случува на вчерашниот ден и за тоа ги предупредиле нашите стратешки партнери и претставници на меѓународната заедница.

Мицкоски рече дека сторителите во текот на денот се очекува да бидат изведени пред судија и ќе бидат обвинети по член 319 од Кривичниот законик за кривично дело за кое, е запретена затворска казна од една до пет години.

Сите докази, рече, се доставени до нашите партнери, но истовремено ќе бидат докази и во судските постапки. Очекува дека нема да остане само на осум приведени.

Претходно министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека за инцидентите на прославата на Денот на албанското знаме, се уапсени осум лица, од кои четворица за сквернавење на македонското знаме.

На синоќешната прослава на Денот на албанското знаме, беше палено, кинето и газено македонското знаме. Центарот на градот беше блокиран од прославата, а се слушаше и пукање. На снимки од прославата, објавени на социјалните мрежи, се гледа како се кине и гази македонското знаме.