strumica denes logo

НЕДЕЛНА РУБРИКА СО Д-Р НИКОЛА МАЏУНКОВ: Што е ПАП тест и што да очекувате?

Автор:

Датум:

септември 15, 2024

Автор:

Датум:

септември 15, 2024

Што е ПАП тест и што да очекувате?

ПАП тестот е еден од најчестите тестови кои ги правиме во амбуланта. Затоа сметам дека добро е пациентите да бидат информирани за значењето и битноста на овој тест, како еден од најбитните тестови за заштита на женското здравје.

ПАП тестот претставува скрининг процедура за рано откривање на цервикален карцином. Со овој тест се проверува дали постојат преканцерозни или канцерозни клетки на грлото на матката ( утерус ).

Тестот се изведува така што за време на прегледот со четкичка се земаат клетки од грлото на матката. Клетките покасно се анализираат под микроскоп за да се проверат дали се во ред или се променети.

Значи суштината на тестот е проверка на клетките на грлото на матката дали имаат или немаат промена. Многу често со тестот ќе добиете и резултат, како на пример дека има присуство на кокоидни бактерии или кандида а клетките се уредни и не се изменети. Тоа значи дека резултатот е уреден и како дополнителен наод е најдено присуство на одредени бактерии, кандида или дури може да има сомнителен наод за присуство на ХПВ вирус. За ова се прават дополнителни иследувања или се дава терапија според наодот на лекарот од преглед.

Кој треба да прави ПАП тест и на колку време се прави?

ПАП тест треба да прави секоја жена после 21 година или после три години од почеток на сексуални односи.

ПАП тестот може да се искомбинира и со земање на брис за ХПВ типизација, што е посебен тест за присуство на некој ХПВ вирус. За ХПВ тестот ќе објаснам наредна недела – битно е да се знае дека ова се различни тестови чии резултати се комбинираат за подобар третман или проценка на индивидуален ризик.

ПАП тест се прави кај секоја жена без разлика на сексуалната активност. Ова е многу честа забуна и причина да не се прави ПАП тест.

Периодот на колку време се прави ПАП тест зависи од возраста:

Пред 21 година не се прави

Од 21 – 29 години се прави на 3 години

Од 30 – 65 години се прави на 2-3 година , а ако се комбинира со тест за ХПВ типизација тогаш на 5 години.

После 65 години обично не се прави

Ова е базичен протокол на колку време се прави ПАП тест, меѓутоа ПАП тест може да се прави и почесто ако постои одреден ризик за кој е потребно да разговарате со вашиот лекар.

Што значат резултатите од ПАП тест?

Од ПАП тестот може да добиете резултат со уреден наод, најчесто е заокружен наод на инфламација и наод на кокоидни бактерии или кандида, Ова е резултат со уреден наод и значи дека не се најдени клетки од грлото на матката кај кои има промена.

ПАП тестот може да покаже и наод на CIN промена – тоа значи дека кај тестот се најдени променети клетки – дисплазија , но не значи дека веднаш е поставена дијагноза за карцином. Со овој резултат, во зависност од тоа дали е заокружено CIN I, II, III – односно LSIL, HSIL лезија, се прават дополнителни иследувања и тестирања за да се исклучи или потврди постоење на цервикален карцином.

Доколку добиете некој позитивен резултат од ПАП тест потребно е да разговарате со вашиот лекар за понатамошните дијагностички процедири и тестови.

Секоја пациентка кога ќе добие позитивен наод на ПАП тест е исплашена и има сомневање дали резултатите се точни. Битно е да се знае дека резултатите од ПАП тестовите се точни и дека после секој позитивен резултат не треба да се паничи и дека е потребен разговор со вашиот лекар.

ПАП тестот го намалува цервикалниот карцином за 80%. Постојат западни земји кај кои цервикален карцином се дијагностицира многу ретко бидејќи секоја жена е опфатена со скрининг, односно секоја жена во популацијата прави ПАП тест редовно.

ПАП тестот е еден од најбитните контроли за зачувување на женското здравје и битно е редовно да се прави.