strumica denes logo

СНИМЕНО НЕШТО ДОСЕГА НЕВИДЕНО ВО ДЛАБОЧИНИТЕ НА ВСЕЛЕНАТА, ИЗВЕСТУВА НАСА!

Автор:

Датум:

септември 14, 2024

Автор:

Датум:

септември 14, 2024

Deep space galaxy with mysterious glow. NASA provided this image.

Два телескопи го открија најблискиот пар супермасивни црни дупки досега. Двојката, на растојание од околу 300 светлосни години, беше забележана во различни бранови должини на светлината од опсерваторијата на НАСА со помош на „Чандра екс-реј“ и вселенскиот телескоп „Хабл“.

Иако црните дупки се невидливи во мрачниот универзум, овие две силно светат додека гасот и прашината што ги „голтаат“ се забрзуваат и се загреваат на високи температури. Овие небесни објекти, кои орбитираат еден спроти друг, се познати како активни галактички јадра.

Активните галактички јадра се супермасивни црни дупки кои испуштаат брилијантни млазови од материјал и моќни ветрови кои можат да ги обликуваат самите галаксии во кои живеат.

Овој пар црни дупки е најблискиот пар што е откриен со помош на видлива и рендгенска светлина. Астрономите ги открија овие црни дупки кои танцуваат една околу друга во центарот на пар галаксии кои се судираат, наречени MCG-03-34-64, оддалечени 800 милиони светлосни години.

– Не очекувавме да видиме вакво нешто. Ваквата глетка не е вообичаена појава во блискиот универзум и ни покажа дека нешто друго се случува во таа галаксија – изјави водечкиот автор на студијата Ана Триндаде Фалкао, постдокторски истражувач во Центарот за астрофизика „Харвард-Смитсонијан“ во Кембриџ, Масачусетс.

Набљудувањата на „Хабл“ беа направени со оптичка светлина, која е видлива за човечкото око, но астрономите не беа сигурни што гледаат. Тимот го преиспита галактичкиот регион користејќи ги рендгенските зраци на „Чандра“.

Кога научниците ја набљудуваа галаксијата со помош на „Чандра“, тие беа во можност да утврдат два силни извори на х-зраци кои одговараат на оптичките извори на светлина забележани од „Хабл“, рече Фалкао.

– Ги составивме овие парчиња од сложувалката и заклучивме дека веројатно гледаме две супермасивни црни дупки кои се блиску една до друга. Но, не би можеле да ги видиме сите овие детали без неверојатната резолуција на „Хабл“ – додаде Фалкао.

Двете супермасивни црни дупки некогаш биле центри на нивните соодветни галаксии, но спојувањето на галаксиите ги доближило двата објекти многу поблиску. На крајот, нивниот близок спирален танц ќе резултира со спојување за околу 100 милиони години, според НАСА, предизвикувајќи моќно ослободување на гравитационите бранови.

Ваквите гравитациони бранови, произведени од судир на супермасивни црни дупки, во иднина би можеле да бидат откриени од ЛИСА, вселенска мисија со ласерски интерферометар на Европската вселенска агенција, која се очекува да биде лансирана во средината на 30-тите години на овој век.