strumica denes logo

БРАВО: Тошковски изјави дека од неделава личните документи ќе се вадат во законски предвидениот рок од 15 дена!

Автор:

Датум:

септември 8, 2024

Автор:

Датум:

септември 8, 2024

По завршување на летните одмори, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски утрово го посети пунктот за издавање на лични документи при Полициската станица „Пролет“.

Тошковски ја потврди изјавата на премиерот Мицкоски кој рече дека „во рамки на законските 15 дена граѓаните можат да ги добијат патните исправи и другите лични документи“.

„Од оваа недела секој македонски граѓанин кој се фотографирал за нова лична карта, возачка дозвола или пак пасош ќе може да ги добие за 15 дена. Тешко беше, беше потребно полициските службеници да работат во две смени, да работат и во неработни денови но со нивната ангажираност успеавме целиот процес да го вратиме во нормала“, изјави Тошковски и најави дека пунктот во ПС „Пролет“ ќе се користи се до реновирање на просториите на МВР во Македонската радио телевизија.

Тошковски беше запрашан до каде е внатрешната постапка против шефот на обезбедувањето на спикерот Африм Гаши кој се закануваше на полициски службеници на скопскиот аеродром.

„Секој има право да згреши но системот не треба да згреши. Во овој случај системот покажува дека функционира, што не беше случај во минатото. Предметното лице е суспендирано од работата, за лицето е поднесена кривична пријава, обвинителството се надевам дека ќе процусуира во рамки на нивните надлежности, судот исто така. Овој случај е решен“, изјави Тошковски но не ја искоментира вчерашната изјава на Гаши кој рече дека репетирањето на пиштолот од страна на неговото обезбедување не е фактичка состојба туку извештај на МВР.

„Првиот полицаец“ исто така беше прашан дали очекува и дали полицијата е подготвена за немири следниот период по одлуката на Уставниот суд во однос на Законот за јазици откако двата блока на албански партии најавија несогласување околу евентуалната одлука.

„МВР ќе одговори на секој еден предизвик во иднина, во рамки на неговите надлежности. Покажавме досега дека можеме да се соочиме со сите предизвици и да ги решиме соодветно. Така ќе биде и во иднина. Да, имаше најави за протести и немири оваа есен и ќе се справиме со нив“, изјави Тошковски и дополни дека безбедносната состојба не е загрозена до тој аспект да се свика Советот за безбедност истакнувајќи дека истиот став го има и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Во врска со незаконското распоредување на 189 полициски службеници од страна поранешниот министер за внатрешни работи во Техничката влада, Назим Буши, Тошковски изјави дека не е запознаен за колку пари е оштетен државниот буџет но ќе се постапува согласно мислењето на Државната комисија за спречување со корупција.

„Немам точна информација за колку пари бил оштетен буџетот, но тоа ќе биде дел од процесот кој ќе следи во иднина и со сите детали ќе биде запознаена јавноста. Таму треба да следи постапување согласно мислењето на ДКСК, и во изминатиот период се утврдуваше кој процесен чекор ќе се превземе, и ќе постапиме во иднина според мислењето на ДКСК“, вели Тошковски.