Есента е совршено време за сервисирање на автомобилот за да би бил подготвен за евентуални зимски студени патувања, а во последно време граѓаните сè почесто нарачуваат резервни автомобилски делови преку Интернет затоа што на тој начин цената е значително пониска.
Но, автомеханичарите со коишто разговараше Денар, тврдат дека многу често се случува граѓаните да бидат прелажани и да им биде продаден фалсификуван резервен дел чиј животен век е прекраток.
-Кога зборуваме за резервни делови, повеќето луѓе при купувањето не размислуваат за тоа дали овие делови се оригинални, туку само ги интересира нивната ниска цена. Но, не знам дали ја слушнале поговорката: „Колку пари, толку музика!“ Се разбира, постојат алтернативни решенија. Би предупредил дека на пазарот често се продаваат фалсификати и би советувал дека резервните делови секогаш треба се купуваат од реномиран продавач. Најлесен начин да се најде конкретниот резервен дел е преку огласник, но секогаш барајте гаранција за квалитетот. Секако, постои производство на исти делови од различни марки, затоа може да има разлика во цената. Но, обично разликата во цената помеѓу оригинален и фалсификуван резервен дел е огромна – објаснува Тони, сопственик на автомеханичарски сервис во Скопје.
Тој посочи дека во земјава најмногу се продаваат фалсификувани автомобилски гуми. Нивната цена, вели тој, е многу ниска, а нивниот квалитет и безбедноста што ја нудат е никаква.
Денар разговараше со скопјанец кој неодамна доживеал лошо искуство токму со фалсификувани гуми што ги купил од „реномирана“ веб-страница за автомобилски делови.
„Продавач на Интернет ме измами со продажба на фалсификувани автомобилски гуми. На 5 август годинава, јас нарачав автомобилски гуми за мојот автомобил Опел Астра од една веб-страница која изгледаше професионално и веродостојно. Платив 10.000 денари преку кредитна картичка за комплет од четири гуми. Гумите ми беа доставени на мојата адреса неколку дена подоцна. На 14 септември ги однесов гумите во сервис за да ги намонтираат на мојот автомобил. Мајсторот ми рече дека изгледаат сомнително и дека можеби не се оригинални. Јас му реков дека ги купив од реномирана веб-страница и дека не треба да има проблем. Тој ги намонтира гумите на мојот автомобил и јас го зедов автомобилот. Веќе следниот ден, додека возев по булеварот Партизански Одреди во Скопје, едната гума буквално експлодираше и јас загубив контрола над возилото. Со среќа, немаше други возила во близина и успеав да застанам на тротоарот без да се повредам или да повредам некој друг. Го однесов автомобилот на сервис и мајсторот ми рече дека гумата била фалсификувана и дека имала сериски дефекти“, раскажа 31-годишниот Мартин Трајковски од Скопје.
Тој ги советува граѓаните да внимаваат од каде купуваат резервни делови за својот автомобилот, бидејќи, како што вели: „сиромашниот два пати плаќа“.